Градските власти до утре имаат рок да седнат на маса со Синдикатите, а во спротивно работниците ќе штрајкуваат и ќе си ги бараат своите права. ССМ ѝ отвори нов фронт на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и побара разрешување на директорот на „Водовод и канализација“ Марјанче Митовски, кој на функцијата е само месец и половина.

Ова го истакнаа и пред четири дена, а денес го повторија ултиматумот. Дарко Димовски од ССМ за „Телма“ посочи и дека директорот на „Водовод“ Митовски имал одлежано и затворски казни за сериозни дела, па ја повика градоначалничката Арсовска да ги прочита тие судски пресуди.

Обвинувањата на синдикатите се дека актуелниот директор на „Водовод“ се заканувал на вработени, најавувал нова систематизација во претпријатието и отпуштања на работници. Дел од вработените во Водовод, брифираа дека добивале задолженија кои не се според Договорот за работа и на возрасни инженери кои се пред пензија им се делеле работни задачи како за почетници. Арсовска вчера кажа дека заканите за штрајк во претпријатието доаѓаат во момент кога е најавена департизација на градската администрација, а од ССМ и возвратија дека нема политика кога станува збор за работничките права.

Претходно, од страна на Инспекторатот за труд се нотирани неправилности во работењето. Станува збор за незаконски спроведени прераспределби на работни позиции, а се отвориле и прашања околу законитоста при поставувањето на двајца шефови на кабинет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.