Директорот на ЈП „Лајка“, Воислав Димитровски, на денешната прес-конференција го обвини претходното раководство дека претпријатието го оставило во големи долгови. Како што изјави тој, претходното градско раководство и раководството на ЈП „Лајка“ натрупало долгови на претпријатието во износ од 10 милиони денари за неполни две години.

Долговите се настанати поради ненавремено сервисирање на исплатите кон добавувачите на медицински материјали, опрема, храна за кучињата, поради луксузирање на претходното раководство на изнајмување на возила, ангажирање на ПР-лица, фотографи и други трошоци. Системот на финансирање на ЈП „Лајка“ не бил соодветно дизајниран при основањето на претпријатието, планираната обврска за месечен надоместок од општините во град Скопје за 2021 година бил 20 000 000 денари од кои помалку од половина биле наплатени. Дополнително на ова проблемот со бездомните кучиња во Град Скопје не бил третиран од претходните власти цели 2 години до ставањето во употреба на прифатилиштето во втората половина на 2020 година. Заради бавното реновирање на објектот на ЈП „Лајка“ и немање на алтернативна стратегија за решавање на проблемот и знаејќи го процесот на природна прогресија, овој период предизвикал сериозно зголемување на популацијата на бездомни кучиња во градот – изјави Димитровски.

Според Ревизорскиот извештај, како што истакна, само за 2021 година склучени се 76 авторски договори за ангажирани лица, за кои само за 6 има извештај за извршени услуги, за сите останати само договор.

Дополнително биле исплаќани пари на лица и склучени 36 договори за нивно ангажирање без наведување на потребата за кои се исплатени над милиони и пол денари, како и 21 договор за технички услуги без наведување на потребата за ангажирање.

Во следниве неколку дена ќе излеземе во јавноста со изнесување точни факти за ангажманите на овие лица и вршени услуги со законски нерегуларности кои биле направени од претходното раководство на ЈП ‘Лајка’. Факт е дека претпријатието е заглавено поради непродуктивни трошоци, ангажирање лица за кои се трошеле милиони, како и неисплаќање на услугите од страна на општините. Ова недомаќинско работење на претходното раководство придонело за милионските долгови. Морам да истакна дека голема лага е дека во ЈП ‘Лајка’ нема хуман третман на уличните кучиња, напротив, кучињата се третираат на најсоодветен начин. За споредба за 4 месеци вдомени од ЈП ‘Лајка’ се 139 кучиња, колку што претходното раководство вдомило за 18 месеци – рече Димитровски.

Тој додаде дека треба да се знае дека со ваква наследена тешка и заробена состојба на прифатилиштето, тешката финансиска состојба, немање можност за набавка на основни средства на функционирање, ЈП ‘Лајка’ во изминатите 4 месеци ги удвоила бројките на третирани кучиња на хуман начин за единица период, и овој процент ќе го зголемуваат во иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.