Тоа што Македонија е една од најзагадените држави во светот треба да биде приоритет за справување со овој проблем. Сите живееме тука, сите го дишеме овој воздух, сите сме свесни дека четири години ништо не се направило, истакна градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска во вечерашното гостување во емисијата Вин Вин на Телма телевизија, додавајќи дека Скопје е загаден град и активно мора да се работи на системско решавање на овој проблем кој сериозно го загрозува здравјето на граѓаните, особено кога има доста позитивни иницијативи и експертски мислења кои треба да се земат во предвид.
Јас сум човек којшто бил болен од рак, во семејството имам луѓе кои што биле подеднакво болни, во мојата околина пријатели, луѓе коишто ги познавам. Зарем сметаме ние дека треба да живееме во место каде што ништо не треба да се преземе на оваа тема? Од таму беше и она за чистењето на депониите. Некој согорува, некој не труе цело време и некој од другата страна дали поради лукративна или какви и да се други причини, ништо не направил да ги превенира. За загадувачите повеќе неказнивост нема да има. И се изрекуваат казни и така ќе биде и понатаму. Нема да дозволиме некој да го загрозува нашето здравје, ниту за вас, ниту за мене, за моето дете и за децата на било кој што живее овде во Скопје. Тоа што некој се обидува да ги искористува механизмите и да не плати е негово право, наше е да постапуваме по закон. Ќе преземеме механизам и на објавување јавно со фотографии и докази кој и како загадува, па нека им суди јавноста, дополни Арсовска.
Според неа, набавката на 250 нови еколошки автобуси како дел од програмата на градот се едно од решенијата и за тоа има фондови, посочи таа.
Сега во ова време кога средствата што се чуваат во банките се практично со негативна камата, зошто пак некој не би инвестирал во град во којшто вашите средства се сигурни дека ќе ги вратите по години. И да не зборуваме за кредитирање, да зборуваме за грантирање. Средства има навистина многу на располагање за сите оние коишто сакаат да се придвижат кон зелената транзиција, рече градоначалничката Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.