Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку својата прес-служба повторно ги негира информациите дека воздухот во главниот град е опасно загаден. Оттаму велат дека сите вести кои се пласираат во медиумите ги пишуваат „партиски војници“ и велат дека текстовите се нарачка од „политички кујни“.
За да покаже дека Скопје не е меѓу најзагадените градови во светот, па и дека не е меѓу најзагадените во Македонија, Арсовска се повикува на интернет страницата WAQI. Но овој пат дури и посочената страница од градоначалничката докажува дека амбиенталниот воздух во Скопје е 3 до 4 пати позагаден од дозволеното. Во точно 11:51 минута во населбата Пинтија ПМ10 честичките изнесуваа 349, во Лисиче беше измерено 167.
Еве ја целата реакција од Град Скопје, откако медиумите пренесоа дека Скопје е меѓу најзагадените градови во светот:
„Утрово како и секој друг ден од почетокот на грејната сезона сведоци сме на лажни вести кои во 21 век, во ера на информатичка технологија, кога податоците и вистината се достапни за секого, може да се проверат. Имено, неразбрлива е за нас потребата од пласирање на сензационалистичката лага за наводна загаденост на градот Скопје, особено поради фактот што светскиот мониторинг сервис WAQI кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот. Дополнително и на националните мерни станици се потврдува истото. Како најзагадени градови во Македонија во последните 48 часа се Кавадарци, Струмица и Тетово. Во реално време можете да ги следите резултатите од мерењата од сите градови и држави во светот на https://waqi.info/“.
Според официјалната страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), највисоко загадување во 12 часот било регистрирано на мерната станица Карпош (186 – ПМ10) и Центар (165).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.