Родена на: 20 декември 1979 година

Образование: Дипломиран правник, магистар по економија

Професија: Маќеа на Град Скопје

Локални избори октомври 2021. Недела. Ноќта заврши рано, победата беше повеќе од очигледна, околу полноќ ги затворивме текстовите и се разотидовме. Беше студено и магливо, Центарот погнасен никогаш не бил, но додека си одев пешки од работа кон дома сакав да верувам дека утре Скопје ќе мириса на ленор и ајакс. Скопје доби градоначалничка, Шилегов е историја. И првото сеќавање на Данела Арсовска ми е нејзиното прво утро како моја градска мајка. А мама дома ја нема…

Чувството на напуштено дете со разбушавена коса и растрамбарени пижами ме држи и денеска, година и некој месец откако Данела цела недела не се појави на првиот работен ден.

Не мириса на ленор и ајакс ако политичар го почне својот јавен живот на нож со медиумите. На нож и со оние 40 и кусур илјади кои го заокружија бројот 82 на гласачкото ливче верувајќи во „пролетна свежина и планинска чистота“. Но, Арсовска, дами и господа не е политичар. Таа е независен менаџер.

Уште тогаш требаше да ни биде јасно дека Арсовска нè гледа со истите очи со кои ја гледа шахтата. Што мисли Арсовска додека гледа во шахтата? И што да се каже за менаџерката на градот, која ветуваше 82 проекти за 82 дена мандат (демек, сто ѝ се многу), а испорача 62 погледнати, пардон, нивелирани шахти, освен дека во некои шахти гледала по два дена или уште полошо, 20 дена шахта не погледнала.

Првиот предизвик: 13 ноември 2021 – Уште на првиот 13 Ноември Арсовска не сфати дека празникот е на градот, а не на градоначалникот. Па така, ослободувањето на Скопје беше одбележано со каприците на малата градска шмизла. Оној Шилегов, кој беше градоначалник до пред две недели, замислете, го организирал настанот, ги избрал добитниците на наградата 13 Ноември, не чекал Данела да го победи на 31 октмоври, па таа да организира. Замислете! И така „несоодветна“, Данела не се појави да им ги додели наградите на добитниците. Од прва мајка.

„Целосната организација, постапка и избор за доделување на наградите беше завршена, а воедно и наградите доделени и парафирани непосредно пред превземање на мандатот. Со оглед на тоа, најсоодветно беше наградите да бидат доделени од страна на Комисијата која ги избра добитниците“, одговорија од градот, зашто, нели, Данела се уште не комуницира со медиумите.

Ова некако помина, а не требаше. Не требаше лесно да се проголта арогантноста на онаа која со наше пенкало ја победи арогантноста на оној кој изгуби. Сфаќаме дека ништо не сме победиле. Метастаза!

Вториот предизвик: Новогодишно украсување 2022 година – не ги сакаше лампионите на Шилегов, за на крајот на декември на мускули да го украси градот токму со нив. Преплатил Шилегов во октомври среде енергетска криза, па таа го раскина договорот за да штеди и потоа, „без финансиски импликации по градот“ истата фирма ги нареди истите украси од Шилегов. Секако, не како што порача Данела во видеопораката на Фејсбук, во тоа време се уште не е ексклузивка на еден портал, на 10 декември, туку со доцнење околу Свети Никола. Еуфорија, па ѝ простија. А не требаше.

Третиот предизвик: Градоначалникот на Шуто Оризари го предводеше маршот на жителите од заборавената општина. Данела заборавила дека „недозволиво е во 21 век општина која се наоѓа во главниот град да има неасфалтирани улици и да нема водоводна и канализациона мрежа“, но луѓето се уште имаат кал на чевлите, а жените пешачат и по два километри кога навечер се враќаат од работа.

И должност на секој градоначалник е да го овозможи тоа. Затоа уште од првиот ден после изборите ќе се зафатам со решавање на овие суштински проблеми. Скопје и скопјани немаат време за чекање уште четири години за некој да се сети на нив, ветуваше Арсовска пред 31 октомври 2021 за да ѝ се „случи Шутка пред канцеларии“ една година подоцна.

„Секогаш кога ќе ја побарате, или го немате незиниот број, или не добивате одговор. Јас можам да го потврдам тоа, лично. Јас немам телефонски број од градоначалничката, а во еден разговор, кога побарав од неа да ме стави во некоја група каде што се сите градоначалници, или да ми даде нејзин број за комуникација, ми кажа дека можеме да комуницираме преку службениот мејл на Град Скопје.“, откри Дудуш со кого си имаме работа.

Но, на отсуство на комуникација со градоначалничката се пожалија сите градоначалници, и градските и оние со кои би требало да комуницира во рамките на ЗЕЛС. А и таму добро ѝ тргна: му се скара на Ковачевски што Владата им ги крати средствата на општините, а потоа, кога Владата продолжи да ги игнорира општините, Данела веќе не се караше. Оти, нели, беше скарана.

Четвртиот предизвик: Универзална сала, се скара со Бисера. Ѝ улета на прес-конференција, па ја направи гранапска караница пред оголената скопска гордост. Се искара и со Бисера и со Јана и со Мишко… И ништо не се случи освен што се уверивме дека градот го води градска стрина, која непокането упаѓа на прес-конференции. Со сета своја дрскост му влета на прес-конференција и на разрешениот директор на Водовод и канализација Златко Перински, за кого само таа тврдеше дека го фатила со „рачето во медот“. Медот и рачето не ги видовме, но Европската банка за обнова и развој виде со кого си има работа и кого финансира. И да, и тие што ги даваат парите, проблем не видоа во работата на Перински. Ама, кој излегол на крај со стрина?!

Петтиот предизвик:  Арсовска ги бетонира патеките во градски парк. Тоа е, кога ќе се залауфа некој, запирачка нема. Се крстеа активистите, се крстиме и ние сега кога ќе се сетиме. Никој до неа не се сетил на земјените патеки да им фрли асфалт, ама менаџерката знае како треба.

Шестиот предизвик: Од бесплатен градски превоз, преку бесплатен градски превоз во етапи, до градски превоз ни за лек ни за пари. Во кампањата Арсовска ветуваше бесплатен градски превоз, за неколку месеци подоцна да каже „и денес да го воведеме, нема да биде афикасен, сите ќе сакаат да се возат со автобус, а толку автобуси немаме“. Морало во етапи. Епа, првата етапа беше штрајк на ЈСП. Возачите на градските даблдекери се заканија дека ќе ги зивадат гладните деца на улица, а Арсовска ја обвини Владата дека ѝ должи. Владата рече дека не должи. И така додека траеше оваа пинг-понг партија, автобусите паркирани пред Владата ја блокираа „Илинденска“.

Советот на Град Скопје го реши проблемот на ЈСП, на виделина излегоа проблемите со приватните превозници. Со нив Арсовска играше дрско. Им ги раскина договорите. Малку лажеше, малку повеќе лажеше, тие блокираа прво крстосница, па улица, па цел центар. Времето се уште беше убаво, граѓаните возеа велосипеди, тротинети, скутери. Времето одминува, нервозата расте, насочена кон двете страни. Не знаеме кој лаже, кој краде, а кој е во право, но знаеме за што ни е криво. Ја гласавме, а не требаше!

Седмиот предизвик: Мостот АСНОМ, кој Арсовска го нарече мост на рибарите, нема да се гради, па ќе се гради, па еве го готов е, ама не е пуштен, па ќе се пушти, на луѓето во спална им врви… И не треба да ви биде јасно. Доволно ви е пеколно ако го користите истокот од градот секогаш кога ќе појдете на работа. Аеродромци и лисичани знаат.

Осмиот предизвик: Штрајк во Водовод, штрајк во Дрисла. И нема многу филозофија – Арсовска брка од работа.

Деветтиот предизвик: 13 Ноември 2022 – ден како и секоја обична недела. Се пере на евтина струја, се готви на евтина струја, се живее евтин живот, а некаде пред легнување стигнува информација дека добитници на 13-ноемвриската награда се следниве заслужни граѓани. Оваа црна фотографија зборува доволно за настанот. Дани мистерија.

Десеттиот предизвик: Од недостапна за медиумите, стана уште понедостапна. Ексклузивец на портал. Порталот ѝ организираше вечеринки, а таа се фалеше до каде е со шахтите, асфалтирање на патеките, со корнење на лишајот по кеј, но главно се жалеше. На Калимеро не му се погодија ни позиција ни опозиција. Таксирати!

Единаесеттиот предизвик: Пис на јазик: „Од тебе порасипано створење не сум видела“, ќе ѝ порача градоначалничката осомничена за подметнување пожар во возилото на извршната директорка на Сојузот на Стопански комори, Кристина Стојановиќ само 15 минути пред да пламне автомобилот.

Дванаесеттиот предизвик: Од одлична соработка со проактивен лидер од кого треба да се учи како да се работи до шпицен градиначалник и насилник кој ќе го брише подот со неа. Стигна работата до психијатри, и апели за одземање на деловната способност, но преку грбот на Трајко Славески. Него го нареди со епитети во широк дијапазон: господине Хитлер, ситен лопов, крадец без интегритет, тиранин, деспот… Му викна полиција, го бараа микрофонот, му го одзеде копчето за водење на седниците, му ја заклучи вратата. Оттогаш кога Славески оди на работа, всушност, граѓанионот Трајко Славески му оди на гости на претседателот на Советот Славски Трајко.

Тринаесеттиот предизвик: Врботените се жалат на мобинг, Данела се жали од директорите. Летаа директорски глави, додуша в.д.. Разрешуваше Данела директори, но и самите бегаа, а сите градски претпријатија ги стресе барем барем скандал. Во Зоолошка се колеа коњи, во Лајка се препродаваа животни, во Водовод и во Дрисла се отпуштаа вработени, во ЈСП доцнеа платите.

Четиринаесеттиот предизвик: Аросвска му се скара на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски. Едно утро осамна во Кисела ВОда без знакот поставен во близина на салата Расадник, „Ја сакам Кисела Вода“. Знак како знак, ама жителите си го сакаа.

Дојде Орце, го врати знакот, па Данела пак му го урна. Дивоградба бил. И Орце пак го врати. Се потамането, па „Ја сакам Кисела Вода“ засмета.

Петнаесетти предизвик: Новогодишно украсување 2023 – најави прес-конференција на која специјално ќе зборува за китењето, небаре ќе го украсува Њујорк. Новинарите и ден денес чекаат прес, а во меѓувреме ангажираните пеачи почнаа самите да објавуваат дека ќе пеат на плоштад и да канат луѓе, па пресот стана излишен. Фала ти Данче, на поканата, не треба, и така на скопјани не им е до песна. За накитеното нема да зборуваме, болно е… а и онака депонија не се кити.

Згасна и последната зелена неонска буква од пораките што зад себе ги остави Петре Шилегов. „Градот зелен“ се пеплоса и пред да пушти корен. Скопјани со нетрпение го очекуваа заминувањето на Петре Шилегов, со двете раце гласаа за посветло утре… но изгласаа мрак.

Градот убав пак ќе никне еден ден откако ќе се иселиме сите. Можеби како генерација и нема да исчекаме, но дочекавме Данела да ни покаже дека и од Шилегов може полошо.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.