Државната изборна комисија (ДИК) достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката Мери Јордановска за време на изборниот ден на 24 април. Во одговорот стои дека доколку се повтори ситуација на прекршување на правата на новинарите и медиумските работници за време на изборниот ден на 08 мај 2024 година, членовите и замениците членови на изборните органи ќе бидат соодветно санкционирани.

Конкретно, во претставката која е испратена до ДИК на 25 април, ЗНМ реагираше за непрофесионалниот однос од страна на членови на избирачки одбор во избирачко место бр. 2762 во општина Кисела Вода – Дом на М.З. на ул. Христо Татарчев број 44, Скопје, каде на новинарката Јордановска не и било дозволено да фотографира во просторијата каде што се одвивало гласањето и покрај што таа претходно уредно се претставила и ја покажала својата новинарска легитимација.

ЗНМ исто така бара од ДИК да преземе соодветни постапки и санкции за овој случај како и да укаже на членовите на изборните комисии дека не смеат да ја попречуваат работата на новинарите и медиумските работници за време на изборниот процес.

Во одговорот по претставката, ДИК информира дека на јавна седница пред првиот круг на Претседателските избори, дала јасни препораки на сите изборни органи дека нивната работа е јавна и транспарентна. Исто така ДИК потенцира дека новинарите, снимателите и фоторепортерите во рамките на вршење на својата професионална работа можат слободно да одат во избирачките места и да снимаат и фотографираат со единствено укажување да се внимава на тајноста на личните податоци на граѓаните во Избирачкиот список, тајноста на гласањето зад параванот и евентуално доколку некој гласач изјави дека не сака да биде сниман ниту фотографиран.

Во дописот до ЗНМ, ДИК укажува дека за време на вториот круг на Претседателските избори како и за Парламентарните избори кои ќе се одржат на 08 мај 2024 година, треба да се овозможи на новинарите кои уредно се легитимирале пред избирачкиот одбор, непречено да ја остварат својата професионална работа. Тие додаваат дека согласно прирачникот за едукација на избирачките одбори од особена важност е да се соработува со медиумите и да не се попречува нивната работа и известување во текот на изборниот ден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.