Вечерва во МНТ во Скопје се одржа свечената академија по повод националниот ден на Србите во Република Македонија.

На свеченоста, покрај македонскиот премиер Димитар Ковачевски, присуствуваа министерот за надворешни работи на Република Србија Никола Селаковиќ, претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник Иван Стоиљковиќ, пратеникот Мирослав Јовановиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателката на Националниот совет на Србите во Македонија Гордана Јовиќ Стојковска.

Ковачевски им го честиташе празникот Национален ден на Србите во нашата земја, кој секогаш се слави на денот на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава.

Свети Сава е втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ. Тој е просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони во државата српска. Свети Сава е посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи. Неговите лик и дело инспирираат и осум века после неговата смрт. Затоа, кога велиме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме и нашата определба, определбата на граѓаните на Република Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите.
Граѓанско, едно општество за сите, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебната почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја – истакна Ковачевски на академијата, додавајќи дека признавањето на етничките, националните, верските и културните разлики е посебноста и суштината на нашето заедништво.

Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, ги поздрави присутните во свое име и во име на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Во Светосавието е собрана нашата желба да живееме заедно во мир и љубов, во братство со другите. И има ли поубаво место, има ли поубаво место на светот, драги пријатели, да се изговори оваа порака токму тука во Скопје? Има ли поцврст и поверодостоен начин да се обврзете некому на љубов и пријателство од Светосавскиот печат. Уверен сум дека нема – рече Селаковиќ.

Жељка Цвијановиќ, претседателка на Република Српска, рече дека Србите во Македонија се автохтон народ присутен со векови, со богато културно и историско наследство.

Средновековната, но, и современата историја на нашиот народ е непоимлива без Скопје, Куманово, Битола, Кајмакчалан, за што сведочат бројните споменици, преубавите цркви, манастири и вие, тука присутни, кои гордо го славите името на Свети Сава и својот национален празник – додаде таа.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.