Демократското движење на Изет Меџити соопшти дека во рекордно време ги собрале потребните потписи за регистрација на политичкиот субјект.

Стотици истомисленици на Изет Меџити денеска се собраа во нотарски канцеларии да го дадат својот потпис за формирање на Движењето кое ветува позитивни промени за Албанците во Република Македонија. Организацискиот совет при Демократското движење предвиде потписите да се собираат во текот на целиот ден, но се се заврши за неполни три часа, при што беше објавено дека собирањето потписи е успешно затворено, се вели во соопштението од Демократското движење.

Со собирањето на потребните потписи, Демократското движење продолжува со регистрација на партијата, а на 13 август е најавена и нејзина промоција.

Изет Меџити, доскорешен потпретседател и пратеник од ДУИ на 17 јули најави дека заедно со пратениците Мерита Коџаџику и Кастриот Рерџепи ќе формираат ново политичко движење, кое официјално ќе биде промовирано на 13 август.

Меџити тогаш објасни дека новиот политички субјект во принцип ќе функционира како партија. На прашањето дали ќе бидат подготвени за евентуални предвремени избори, Меџити рече дека токму затоа брзаат со формирање на ова движење за да бидат подготвени за секаков вид на предизвици коишто можат да се појават во меѓувреме.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.