Нечовечки и понижувачки третман кон осудените лица во казнено поправните установи ширум државата констатираше народниот правобранител во годишниот извештај на Националниот превентивен механизам. Во КПУ „Идризово“ затворениците спиеле по двајца во ист кревет, а во некои делови од затворот, немале ниту по еден метар квадратен од човек, иако европските затворски правила налагаат да има 4 квадратни метри по осуденик ако се во заедничко домување, а по 6 квадратни метри ако се во самица.
При посетата Народниот правобранител констатирал дека осудениците во Идризово спијат на душеци на подот, а другите на кревети наредени на четири спрата. Тој добил информации дека погодностите во затворите се добиваат со мито. Ништо подобро не било ни во психијатриските болници. Така, во „Демир Хисар“ при ненајавената посета на правобранителот, во посебна просторија најдени биле средства за врзување.
Кожни ремени за фиксација, метални синџири со катанче и цврст дебел кабел. Ни беше кажано дека не се користат. На прашањето зошто е кабелот, одговор од вработените немаше. Ја нагласувам забраната за заплашување, повредување малтретирање и тортура на пациентите, изјави Народниот правобранител Насер Зибери.
За психијатриската болница Бардовци тој рече дека имало пациенти кои бегале од болницата и по неколку месеци од лошите услови. Во психијатриските болници, вработените не можат да воспостават ред во примањето на терапијата за пациентите.
Беа добиени наводи дека болничкиот персонал има напади и закани. Конфликтите меѓу пацинетите на одделението се многу чести. Вербалните караници некогаш резултираат со физички напади. Ситуацијата е алармантна попладне и навечер кога има само еден медицински техничар и еден болничар на смена. Во судското одделение на психијатриската болница Скопје, има чести бегства во траење од неколку часа до неколку месеци, а главна причина за пациентите е тоа што имаат лоши услови, рече правобранителот Зибери нагласувајќи дека е потребна итна реновација на објектот и пациентите да бидат вклучувани во рехабилитациски и тераписки активности каок шиење, перење или други активности.
Народниот правобранител истакна дека во воспитно поправниот дом Тетово, уште не е спроведена неговата препорака малолетниците да добијат право да следат настава како што тоа го налага Уставот.
Зибери изрази незадоволство од властите кои во континуитет ги кратат буџетите за превентивниот механизам кои ја доведуваат во прашање неговата квалитетна работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.