Денешната прес конференција на СДС е последица на хаотична загриженост поради најавената смена на раководствата на МЕПСО и ЕСМ и ревизијата на нивната работа. Не е проблемот Сања Божиновска туку фактот што СДС и ДУИ 7 години полнеа џебови од криминалот во МЕПСО и ЕСМ, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на СДСМ дека министерката за енергетика, Сања Божиновска била основач и управител на фирма која должела 1 милион евра кон МЕПСО.

Денешните прес конференции се лицемерни, најмалку поради два аспекти. Првиот, кога тоа долг на компанија е кривично дело? Второ, СДС имаше 7 години апсолутна власт со ДУИ. Ако имало криминал тогаш што правела СДС? Јасно е дека СДС е директно засегната од смените во МЕПСО и ЕСМ, затоа тие се занимаваат со лажни и подли кампањи со кои оцрнуваат луѓе кои чесно работат. Во отсуство на идеи, обременети со внатрешни проблеми и расколи, СДС која имаше 7 години власт не успеа да докаже ништо, и сега со маалски прес конференции, редовно во прашална форма се трудат да привлечат внимание, се вели во реакцијата.

Претходно Метоија Илиевски од СДСМ на прес конференција рече дека го објавува најновиот скандал поврзан со една од најблиските соработнички на Мицкоски.

„Божиновска која важи за партнер на Мицкоски во енергетика премиерот ја претстави како врвен експерт и менаџер во оваа индустрија. Божиновска која криеше и се уште крие дека има бугарски пасош, крие и многу други работи поврзани со нејзиното работење во приватниот сектор. Компанијата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје“, фирма чиј основач и еден од управителите била токму Сања Божиновска, во период од 2016 до 2017 направила долгови од речиси 1 милион евра кон државната МЕПСО. Замислете, над 70% од вкупниот долг на МЕПСО во тоа време го направила само една фирма,  фирмата на Божиновска. Долгот е за неплатена електрична енергија и до крајот на 2017 година достигнал 59 милиони денари или скоро 1 милион евра. Еве го тој документ“, додава Илиевски.

Тој вели дека по одредено време, МЕПСО покренува постапка за наплата на долгот и иницира тужба против фирмата на Божиновска. Во 2019 година, спроведено е и вештачење од судски вештак кој ја утврдил вистината на каматите на фирмата на Божиновска која му должена на МЕПСО. Значи цели две и пол години Божиновска нема абер од плаќање на долгот кон државата.

Со наталожен долг кон државата, Божиновска го менува името на фирмата и прераснува во друг субјект. Наместо ‘ЕНГ Сервис Трејд’ сега се вика ‘КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје’. Веќе во 2022 година, фирмата ‘КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје’ работи со загуби и станува деловно неактивна. Причина за бришењето е поради тоа што не поднела годишна даночна пријава, внимавајте, за 2019 година. Денес ја прашуваме Божиновска а го прашуваме и Мицкоски, каде се парите? Дали се вратени 1 милион евра долг кон државната МЕПСО, де факто пари на граѓаните? Каде се 1 милион евра? Ова ли се менаџерските способности и експертизата на Божиновска,  да згаснуваат и менуваат имиња на фирми кои должат пари? Понатаму, Мицкоски да одговори, како може да постави кадар да раководи со енергетика и де факто да биде одговорна и за работењето на МЕПСО, а притоа таа да му должи на МЕПСО огромна сума пари? Дали ова не е само по себе конфликт? Зошто Мицкоски ја избра Божиновска и дури и направи и цело ново министерство? Во какви бизнис релации се двајцата? СДСМ располага со други информации за катастрофалниот учинок на Божиновска со приватниот сектор кои укажуваат дека таа не е способно за функцијата но има и сомнително минато како менаџер. Како ова ќе се одрази на нејзиното работење можеме само да претпоставиме, но повеќе од јасно е дека ништо добро не може да се очекува. Во следните денови ќе излезе со повеќе информации за сите овие скандали“, завршува Илиевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.