Францускиот предлог, кој Владата е подготвена да го прифати, е крајно неповолен за Македонија бидејќи ги содржи бугарските барања, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека тоа е ултиматум и диктат после кој на Македонија и преостанува или вечно да преговара или да настане комплетна асимилација

Предлогот во себе предвидува Протоколи, или како што сака Владата да ги каже Годишни извештаи, преку кои ќе се оценува спроведувањето на членот 12 од Договорот со Бугарија од 2017-та година во кои се предвидува промени на учебници за ликови и настани од македонската историја, промени на табли на споменици, музеи и јавни места кои им пречат на Бугарија, санкционирање на секаква критика или поинакво мислење под превезот на говор на омраза и слични други понижувања, велат од партијата.

Овој Протокол, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ, но и целиот предлог, е пораз на македонската дипломатија, бидејќи предвидува асимилација и национално обезличување на Македонија.

Затоа гневот во јавноста и кај народот е огромен. Затоа гласно НЕ за овој ултиматум кажуваат и експертите и интелектуалците, па дури и дел од функционерите на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува граѓаните кои достоинствено и гласно се противат на оваа капитулација на владата на Ковачевски. СДСМ и Ковачевски се тие што одбраа да бидат против сопствениот народ, само за да зачуваат фотелји на сметка на македонскиот идентитет. Пораката на народот е „Ултиматум, НЕ БЛАГОДАРАМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.