Мнозинството составено од СДСМ и ДУИ, денеска гласаше против потребата од носењето на Законот за акцизите со кој требаше акцизите на течните горивва да се намалат за 50%, како и Законот за ДДВ со кој се ослободува храната од ДДВ и се намалува ДДВ за течните горива од 18% на 5%, соопшти на денешната прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Што значат овие два закони за домаќинствата и транспортниот сектор? Еуросупер 95 е 110 денари, а 22 денари се акциза и 16,8 денари ДДВ. Според нашиот предлог, цената на литар еуросупер 95 ќе биде 86,3 денари од кои само 4,1 денари ќе се за ДДВ. Еуросупер 98 е 112 денари, а 22 денари се акциза и 17,1 денари ДДВ. Според нашиот предлог, цената на литар еуросупер 98 ќе биде 88,1 денари од кои само 4,2 денари ќе се за ДДВ. Дизел горивото е 102 денари, од кои акцизата е 15,5 денари, а ДДВ истотака 15,5 денари. Според нашиот предлог, цената на литар дизел гориво ќе биде 82,4 денари, од кои само 3 денари ќе се ДДВ, појасни тој.

Ова е вистинското лице, додава тој, на оваа катастрофална коалиција која ја направи Република Македонија најсиромашна земја во регионот.

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија не се откажува од можноста да им помогне на граѓаните и веќе на утрешната седница повторно по итна постапка ќе бара овие два закони да се разгледаат во надеж дека ќе се вразумат пратениците од ДУИ и СДСМ. Доколку нашите предлози заглават во собраниските лавиринти, ќе побараме и амандмански да се интервенира во Ребалансот со цел намалување на цената на горивата и ДДВ за основните прехранбени производи. Во оваа прилика, сакам да укажам дека како пратеничка група сме подготвени овие предлог закони да бидат предложени и од владеачките пратеници и истите веднаш да се најдат на собраниската комисија за финансирање и буџет. ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата ќе направи се што е потребно во интерес на граѓаните, рече Стојаноски.

Пратеникот потенцираше дека износот на средства кои се планира да се приберат по основ на ДДВ и акцизи според Ребаланост е за речиси 190 милиони евра повеќе отколку за ланската 2021 година.

Овие 190 милиони евра повеќе ги плаќате поради драстично зголемените цени на основните прехранбени производи и горивата, а власта не размислува да се откаже. ДДВ од 5% на зејтин од 60 и 140 денари не е исто во апсолутен износ. Затоа државата ќе прибере повеќе пари, а вие ќе имате помалку артикли од претходно, рече Стојаноски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.