По Владата и претседателот на државата Стево Пендаровски вчера излезе со позитивен став во врска со европскиот предлог за симнување на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со ЕУ. Во врска со предлогот по состанокот на Советот за безбедност, премиерот Димитар Ковачевски имаше средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој искажа дека тој за нив е неприфатлив.

Консултациите на владините претставници во Скопје продолжуваат и денеска. Премиерот Ковачевски вчера најави средба со лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села.

Остана за консултација уште дел, јас утрово имав телефонски разговор со Зијадин Села, најверојатно утре ќе се видиме со вицепремиерот за европски прашања да му биде претставен, објаснет во сите делови, изјави вчера Ковачевски по средбата со Мицкоски.

Во однос на консултациите со Собранието, премиерот рече дека дискусијата во Собранието ќе се одвива во согласност со собраниските процедури, бидејќи како што рече, „Владата не може да наложува на кој начин ќе се води расправата“.

Исто така се очекува, според најавaта на министерот за надвореши работи Бујар Османи од брифингот со новинарите во саботата тој денеска да има онлајн средба со неговата бугарска колешка Генчовска.

По состанокот на Советот за безбедност изјава имаше претседателот на државата Стево Пендаровски.

Модификуваниот француски предлог е транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции, во која три елементи се битни и затоа предлогот во овој формат е прифатлив, изјави Пендаровски по седницата на Советот за безбедност.

Одлуката да се прифати модификуваниот француски предлог, нагласи, нема да биде ниту историски триумф на едната страна, ниту историски неуспех или дебакл за другата страна.

Со прифаќање на предлогот ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и што е најважно со ништо не го поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота, смета Пендаровски.

Очекувам, предлага тој, откако францускиот предлог ќе влезе во Владата, да се донесат владини заклучоци, кои во случај да се прифати овој предлог, би морале да имаат реченица плус, а таа реченица да се повтори во извештајот на Владата до Парламентот, а тоа е дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, не е битно колку години, ако има евентуално дополнителни обиди од бугарска или чија било страна во рамки на тие преговори со Европа повторно да се спомнуваат прашањата македонски идентитет, македонска историја, македонски јазик, во истиот момент, да не чекаме ни час некој друг да не блокира, туку самите да се повлечеме од тие преговори.

Премиерот Ковачевски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во Клубот на пратеници рече дека имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно израени ставови и за тоа не треба да имаме никакви дилеми.

Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик. Ова беше најважното прашање за нас и затоа сакам да сум кристално јасен. Македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на ЕУ без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања и астерикси, изјави тој.

Ковачевски истакна дека предлогот ги става билатералните и историските прашања надвор од преговарачката рамка.

Отворените прашања треба да бидат затворени, но за тоа ќе имаме време се додека истите не се достоинствени и за двете страни. Европската унија посочува дека тоа треба да се реши на билатералната основа и затоа ова не е никако дел од рамката за преговори. Добрососедските односи како такви се фундамент на ЕУ. Ние сме се согласиле дека ќе го прифатиме тоа како факт уште во 2001 година кога е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во тој дух, по тој принцип и по таа воспоставена пракса наша обврска како членка на Унијата ќе биде да работиме на добрососедските односи и тоа ќе го правиме преку исполнување на Договорот за добрососедство исто како што го правиме и со исполнување на Договорот од Преспа, рече премиерот.  

Посочи дека протоколот меѓу Република Македонија и Република Бугарија не е нотиран и не е дел во преговарачката рамка. Тоа е билатерален документ, кој не е дел од европскиот пакет.  

Овој конечен европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните приговори на Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година. Преговорите со ЕУ ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот.  Сите сме свесни за чувствителноста по однос на ова прашање. Лесно е да отфрлиме, да одложиме, да изберме нова неизвесност. Но, во овој историски момент е потребно рационално размислување со ладна глава, потребна е мудрост и одговорност и објективно анализирање на сите сценарија грижејќи се за иднината за нашите деца. Од ова прашаење не смееме да правиме дневна политика. Ова е историски важно и стратешко прашање на кое секој политичар, граѓанин треба да му пристапи многу сериозно, кажа Ковачевски.  

Тој апелира сите да се држат до фактите, до официјалните документи и нивната правилна интерпретација. Ги повика сите политички чинители да ја земат предвид големината на задачата и да постапуваат конструктивно, одговорно и државнички.

За Мицкоски и за ВМРО-ДПМНЕ овие два документи се неприфатливи.

Ниту за мене лично, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ, овие два документи вакви какви што се се прифатливи. Му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие ова коешто е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барање за предвремени парламентарни избори. И трета работа, му понудив, ако толку верува дека е обезбеден идентитет, тогаш најпрвин во делот од заклучоците од првата меѓувладина да бидат избришани членот 11 и членот 14, рече тој по средбата.

Само треба да го одбијат предлогот, да речат не бидејќи, според него, ова не се преговори, и ова не е преговарачка рамка со којашто ние обезбедуваме европска иднина туку ова е преговарачка рамка со којашто или се асимилираме и бугаризираме па така да бидеме дел од ЕУ или нема да бидеме дел од ЕУ.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за МИА истакна дека со изменетиот, прецизиран, дополнет француски предлог го добивме она за што со години се бориме, а тоа е чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања, што за нас беше најважно во зачувување на нашите национални интереси.  Според него, друга важна разлика од овој и претходниот предлог е тоа што преговарачкиот процес односно Меѓувладината конференција и скринингот ќе можат да се реализираме без одлагања, без дополнителни услови, без пред тоа да треба да се менува Уставот со цел внесување на трите етнички заедници.

Во интервјуто тој говори и за унилатералната изјава во однос на јазикот и нејзините натамошни импликации во преговарачкиот процес. Маричиќ вели дека Бугарија има право да поднесе унилатерална нота, мислење, како што и секоја друга земја го има тоа право.

Тоа ќе го направи на првиот состанок на меѓувладината конференција, со давање изјава која ќе биде ставена во записникот на состанокот. И ова ќе се случи само еднаш, со што прашањето за македонскиот јазик ќе се затвори и веќе нема да се отвора. Во записникот на отворањето на преговорите двете ноти, и нашата и бугарската, ќе бидат забележени. Но, најважно е дека ние процесот на преговори ќе го водиме внатре во ЕУ институциите на македонски јазик, преговарачката рамка, сите документи ќе се преведуваат на македонски јазик, без додавки, без фусноти, без ѕвездички – чист, признаен и од цела Европа потврден македонски јазик, нагласува Маричиќ.

Доказ за признавањето и користењето на македонскиот јазик во ЕУ, ќе биде Договорот за ФРОНТЕКС, кој повеќе од три години не е потпишан, со стандардна клаузула на македонски јазик.

Ако се согласиме со овој предлог добиваме чиста формулација за македонскиот јазик во ЕУ, историските прашања и Протоколот излегуваат од преговарачката рамка и имаме механизми за решавање на прашањата со Бугарија од кои нема отстапување и можност за дополнителни забелешки или барања, вели Маричиќ.

Пред Владата во Скопје синоќа продолжи протестот под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“. Учесниците се против прифаќањето на францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Според нив, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки.

Во врска со случувањата поврзани со европскиот предлог вчера се огласи американската амбасадорка во земјата, но и албанскиот премиер Еди Рама.

САД ја поздравуваат дискусијата во Македонија за ревидираниот предлог за почеток на преговори, порача синоќа американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз.

САД ја поздравуваат дискусијата во Македонија за ревидираниот предлог на ЕУ за старт на преговорите, признавајќи ја важноста на македонскиот јазик и идентитет. Долго време ја поддржуваме иднината на Македонија во ЕУ и сега гледаме пат за придвижување нанапред, порача Брнз во објавата, која беше објавена на Фејсбук страницата на американската Амбасада.

Пораката на албанскиот премиер Еди Рама е дека Скопје треба да го прифати предлогот за деблокада на евроинтеграциите, да ја искористи шансата и оти не смее да дозволи да остане прд вратата на ЕУ уште 17 години.

Ви велам, прифатете го, зашто нема да има друг предлог. Тоа е финален. Не ви треба да останете пред вратата на ЕУ уште 17 години. Вратата треба да се отвори и на тој начин ќе може да се дебатира за сите прашања преку дијалог меѓу Македонија и Бугарија. Отворете ја оваа врата, отворете ја сега, порача Рама во интервју за Канал 5. ев/мд/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.