Државата ќе обезбеди поголема грижа за талентираните ученици и финансиската поддршка за учество на меѓународни научни олимпијади и натпревари нема да биде доведувана во прашање. Ова на средба со македонски ученици кои годинава освоија награди и признанија на престижни меѓународни натпревари и со нивните наставници ментори, го истакнаа претседателката проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.
Вие сте најголемите македонски амбасадори, промотори на квалитетното знаење кое може да се стекне на ова поднебје. Со Вас се гордее цела нација. Ова е ваш личен успех, но голема заслуга имаат и вашите семејства, најблиските и наставниците кои ве поддржуваат и подучуваат константно“, рече Јаневска.
Министерката изрази жалење што досега институциите на системот не успеале да најдат начини и да обезбедат можности за повеќе да ги поддржат учениците и со цел со уште поголемо чувство за заштита, на сигурност, на патриотизам и уште поголема желба за натпревар и докажување, да настапат онаму каде одат само најдобрите од Европа и Светот.
Но, ве молам немојте тоа да го препишувате на државата. Државата ја водат луѓе. Некогаш луѓе кои се интересираат за граѓаните, некогаш луѓе кои немаат никаква грижа на совест. Ве уверувам дека ова раководство во Министерството за образование и наука и воопшто на Владата, заедно со претседателката Сиљановска Давкова, ќе обезбедат повеќе и подобри можности за вас и за реализација на вашиот потенцијал тука, во Македонија. Работиме на нови законски измени за да имаме правен основ за поголема поддршка и повеќе пари“, додаде министерката Јаневска, информирајќи дека за прв пат во подготовка е Концепција за поддршка на талентирани ученици.
И претседателката Сиљановска Давкова упатувајќи честитки за постигнатите резултати, посочи на потребата за изнаоѓање на трајно системско решение за соодветна поддршка на нашите најуспешни и најталентирани ученици и нивните учества на меѓународни натпреварувања. Порача дека политиките, особено во областа на образованието, треба да бидат соодветни и сообразени со потребите и интересите на оние кои се највредни, оние кои се најперспективни.
Нема поголема обврска за оваа држава, и тоа постојано го повторувам, вистинските луѓе, најдобрите, да добијат највисока и најдобра поддршка, и гаранција која сум ја видела по светот, кога во гимназиските денови или на факултет се бомбардираа учениците и нивните ментори со понуди за интервјуа, за разговори, и од сите министерства им нудат ангажман, работно место, алумни систем, во постојан контакт сте. Мислам дека дојде времето и ние не смееме да си заминеме од нашите функции без да решиме или да ставиме еден камен во тој мозаик кој што ќе треба да ги реши проблемите на сите вас“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Годинава 50тина македонски ученици учествуваа на врвни светски ученички натпреварувања, освојувајќи вкупно 16 медали – 4 златни, 2 сребрени и 10 бронзени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.