Не само немањето учебници, јас ќе ве потсетам дека проблемот на дискриминацијата почна уште од моментот на креирањето на оваа несреќна т.н. реформа во основното образование наречена – Концепција. Уште тогаш концепцијата предвидуваше дигитални учебници и тоа само дигитални учебници. Па, сега слушам благо ретерирање дека се предвидувале и печатени и дигитални. Но, јас добро се сеќавам дека Мила Царовска објави на големо дека секој родител кој му дава книга на детето во рацете му прави штета – рече Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „За или против”.

Јаневска додаде дека нема ниту дигитални учебници, туку има само ПДФ формат учебници. Таа оцени дека концепцијата е неостварлива, но власта упорно ја турка.

– Дигитални учебници јавноста да знае се учебници на кои што детето на таблет или на компјутер ќе може да работи на истите. И наставникот така може да следи дали сработил ученикот, кога сработил итн. Родителите во нашето бесплатно образование почнаа да трошат пари за да печатат учебници за да учат нивните деца. Училиштата немаат печатари за да им испечатат на учениците – нагласи таа.

Јаневска рече дека сегашниот министер после долго размислување одлучи да печати учебници.

– На една емисија министерот рече дека нема пари за печатење на учебници. Зошто нема пари, сите знаеме. Меѓутоа се гледа каде се трошат државните пари. И наместо тие да се насочат на она најнеопходното, ние сега немаме пари за учебници – нагласи Јаневска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.