Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вестите на Алсат ТВ беше запрашан дали ќе се кандидира за Претседател на Република Македонија, со оглед на резултатите од анкетите, како и фактот што неговото име се споменува сѐ почесто како што се приближуваат претседателските избори.

И анкетите и признанието од страна на граѓаните се само уште еден мотив повеќе да се посветам максимално за да ги завршиме сите работи кои ни стојат на рапсолагање. Затоа, за мене воопшто не е важно колку време трае мандатот – јас од првиот ден кога дојдов овде, тргнав кон остварувањето на целите кои ги зададов. Без притоа да калкулирам колку би можел да трае мандатот на министерот, дали еден, дали повеќе мандати, дали една година итн. Ако тргнете со пристап дека треба нешто да завршите и да ја остварите целта која ја имате, тоа е доволно важно за себе и за сите други кои се околу – да се препознае таа намера и да се оствари целта. Така што, во политичкиот дел за тоа сигурно дека ќе се разговара на ниво на партија, на ниво на партиски органи во носењето на таквите одлуки, рече Спасовски.

Во однос на имињата за Претседател на државата, Спасовски рече: „Да, јас ги слушам спомнувањата на имиња, меѓутоа сето тоа е во рамки на шпекулации, разговори кои ги има во јавноста… Меѓутоа, јас сега воопшто не размислувам на тоа прашање. Можеби ќе дојде тема на која ќе разговараме и ќе ги соочиме сите аргументи. За мене што е важно?! Важно е да се направат добри анализи, важно е да се обединат сите структури кои подразбираат или ги споделуваат заедничките европски вредности, вредности за напредокот на државата и, таа опција да ја предводи Македонија и во наредните четири години. Тоа е мојот врвен приоритет и за тој приоритет ќе се борам. Личните амбиции, личните судбини и политички калкулации воопшто не се важни, за нас треба да биде важна Република Cеверна Македонија и секој еден граѓанин, подвлече Спасовски.

Во гостувањето во вестите на Алсат телевизија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, запрашан за неодамнешната акција на МВР со Јавното обвителство за гонење на организиран криминал и корупција по која беа поднесени 15 кривични пријави за физички и три за правни лица, потенцираше уште еднаш дека оваа обемна и специфична истрага е насочена кон остварување на целта на Министерството за внатрешни работи – за неселективна борба против криминалот и корупцијата.

Се работи за три кривични дела – злосторничко здружување, даночно затајаување и перење пари и други приноси од кривични дела. Ова било сторено од организирана група која ги злоупотребува инструментите и преку фиктивно фактурирање од една на друга фирма фиктивно побарувале данок на додадена вредност кој го враќа државата. Штетата на буџетот е околу 837.000 евра, пари на граѓаните и голема беше мотивираноста на полициските службеници заедно со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се реализира и расчисти со овој случај. Со тоа упатуваме јасна порака дека без разлика дали се вработени во институции, бизнисмени, било кој – не може да си поигруваат со државата и граѓаните. Во ниту еден момент, не може да има поединец којшто е посилен од државата, законот и граѓаните, потенцираше уште еднаш министерот Спасовски.

Во интервјуто ТВ Алсат, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето што може да се очекува до крајот од мандатот, со оглед на тоа дека во тек е скрининг процес за исполнувањето на критериумите што ги бара Брисел, потенцираше дека во период во кој што се отвораат преговорите, но и перспективите на Македонија и, пред сѐ на граѓаните, на предизвиците кои се отвораат мора да се дадат сериозни одговори.

Од една страна, да се понесе политичката одговорност на сите политички политички субјекти, чинители итн., пред сѐ на луѓето во Парламентот, за да овозможиме тој процес без никакви проблеми да се одвива понатаму и да работиме енергично на нашиот пат кон Европската унија, затоа што тоа е единствениот пат по кој можеме да се движиме. Тоа е единствената насока која што нѐ води до нашата крајна цел, а тоа е остварувањето на националниот интерес, а тоа е членство во европското семејство. Дополнително, знаеме колку е вредно – еве имавме можност да видиме колку е вредно да бидеме дел од НАТО, а секако и дел од Европската унија – и на тоа треба максимално да работиме. Во тој правец, многу посветено работи тимот кој што работеше не само на скрининг процесот, туку веќе и на подготовка на патоказите кои што се однесуваат за поглавјата кои ги покрива МВР – поглавјата 23 и 24. И, можам да кажам дека веќе сме при крај на целосна подготовка на овие патокази и за неколку дена ќе можеме да ги завршиме. Тоа е едниот дел, кој што на стратешко ниво е многу важен за иднината на граѓаните на оваа држава. Бидејќи преку самиот процес на преговори ние практично ќе дојдеме до европски вредности во институциите, до поинаков начин на размислување, генерално, и секој еден од нас треба да се вклучи во целиот овој процес. Ние како министерство ќе ги ставиме на располагање сите наши капацитети во овој дел. Паралелно со тоа, енергичната работа на Министерството за внатрешни работи – а тоа значи посветеноста на обезбедувањето на мирот и стабилноста, близината со граѓаните, градењето на довербата кон институцијата, транспарентноста на институцијата, неселективноста во постапувањето – сите овие резултати можат да ја градат перцепцијата не само за МВР, туку перцепцијата за државата генерално, бидејќи ние мораме низ ваквите процеси да ја промениме таа перцепција која што ја имавме и да се почуствува поинаков пристап. Тоа го чувствуваат најдобро граѓаните и преку таквиот пристап да ја направиме клучната промена која е важна за нас, појасни министерот Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.