Сметам дека периодот кој што измина беше доволно траорен што нема потреба дури ни политичарите да артикулираат, да кажуваат или да потенцираат одредени работи за да се разбере дека системот е пред колапс, а некаде е сериозно колабиран и тоа се гледа кога се движиме на улица, кога пазариме, кога посетуваме некоја здравствена установа. Сето тоа предизвикува голема загриженост кај македонските граѓани и од таа причина, не само што очекуваме, туку сме сигурни дека нивната реакција, првично, ќе ја видиме на 24 април, а потоа и на 8 мај кога, навистина, ваквиот тип на водење на популистички, не ефективни и крајно штетни политики за граѓаните и за македонската држава ќе бидат пратени во историјата, вели Иванка Василевска од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ во гостувањето на дебатната емисија МТВ.

Во однос на претседателските избори и тоа што граѓаните очекуваат од новиот шеф на државата, Василевска истакна дека пред се, треба да се смени перцепцијата дека Македонија има слаб и неодлучен претседател кој ќе се крие зад својот кабинет и извршната власт.

„Претседателот, според уставот и неговите ингеренции ја претставува Македонија и внатре и надвор и игра клучна улога иако нема многу извршни прерогативи, сепак неговото делување и неговата проактивна улога и те како е неопходна во Република Македонија“, рече Василевска.

Василевска се осврна и на вчерашниот предизборен народен митинг во Скопје за официјално започнување на претседателската кампања, при што истакна дека тоа што вчера се случи беше едно преубаво искуство каде што граѓаните од цела Македонија одлучија да дојдат и да дадат поддршка на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

Во дебатата се зборуваше и во врска со јавната администрација во Македонија, при што Василевска истакна дека делот и средувањето на јавната администрација, затоа ВМРО-ДПМНЕ во изборната програма го има вклучено укинувањето на балансерот, како механизам кој што се повеќе се злоупотребува.

„Она што треба да го правиме како општество, прво, е справувањето со негативната селекција. Јавната и државната селекција се оптеретени, бидејќи тие се партизирани, партократски се пристапува од самиот почеток на плурализмот до ден денеска. Има извонредни млади луѓе на кои што треба да му се даде шанса и системот да не го интересира дали тие гласале за една или за друга страна, така функционира еден идеален европски систем на вредности“, истакна Василевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.