Се уште неофицијално отворен, Македонскиот културен клуб Никола Вапцаров во Благоевград денеска беше предмет на вандализам од страна на непознати сторители. Во текот на вчерашниот ден била извадена буквата М од насловот на Македонскиот културен клуб Никола Вапцаров, соопшти Нов АСНОМ според информации добиени од Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права.

„Овој чин на вандализам е напад на меѓуетничката толеранција во Европска Бугарија, чија влада не ги осудува ваквите акти на меѓуетничка нетрпеливост и со самото тоа се става на страната на чинителите на ваквиот вандалски чин. Од друга страна, нашата Влада, мирно и кротко си молчи на агресивната етничка нетрпеливост манифестирана против Македонците во Бугарија, ефективно спроведувајќи го Бугарскиот Договор, точката 11 алинеја 5 од истиот. Со тоа, владата на земјата чие име Северна го мразиме, се става на страната на тие што ја подгреваат етничката нетрпеливост во Бугарија“, додаваат од Нов АСНОМ.

Нов АСНОМ смета дека негувањето на врските со нашите роднини и пријатели од Пиринска Македонија како и нивно помагање е единственото решение во услови кога нашиот идентитет е нападнат по сите основи од Бугарија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.