Собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање во среда ќе одржи седница со дневен ред: Улогата на Агенцијата за национална безбедност во безбедносната проверка на лицето Александр Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство.

Претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов денеска изјави дека директорот на АНБ Виктор Димовски ќе треба да објасни како службеници на АНБ го пропуштиле низ безбедносниот филтер, Онишченко кој е обвинет за корупциски зделки во Украина и ставен на црната американска листа.

Тој е најповикан да одговори. Лично сум многу загрижен во врска со издавањето на македонски државјанства и на македонски пасоши веќе имам чувство дека секој втор криминалец има во џебот македонски пасош и според мене сметам дека тоа е сериозен предизвик и аномалија во безбедносниот сектор во државата, рече Пренџов.

Украинскиот државјанин Онишченко станал македонски државјанин како спортист во еквистријан по предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

И премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека упатил барање до институциите, кои биле вклучени во донесувањето на позитивни мислења за доделување на државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.