Зошто на министерот за надворешни работи Бујар Османи му е потеребен еден месец за да ги објави препораките на историската комисија, анализира порталот Пресинг во текстот „Зошто на Бујар Османи му е потребен еден месец за да ги објави препораките на историската комисија?“
Од досега познатите работи, историчарите постигнаа согласност за светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и цар Самоил, што значи дека, логично, треба да се знае и содржината врз основа на која двете земји заеднички ќе ги чествуваат овие личности. Згора на тоа, македонската страна се обврзала да подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата.
Ако не се знае содржината, на пример, за постигнатата согласност за цар Самоил, тогаш како Владата ќе подготви прелиминарен урнек за лекцијата, прашува Пресинг.
Во јавноста дилема отвора разногласието што го создаваат изјавите дадени во Бугарија и во Македонија. Бидејќи нашата страна рабти затворено, заткулисно и нетранспарентно, извор на информирање (или дензинформирање) на македонската јавност се бугарските медиуми. А според нив, ќе треба да се менува називот на Самоиловата тврдина во Охрид. Од друга страна, коперетседавачот на комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев, негира дека согласност за цар Самоил.
Малку е веројатно дека комисијата допрва, во рок од само еден месец, ќе треба да постигне согласност за содржината на препораката, што со други зборови значи дека или Османи или Ѓоргиев не ја говорат вистината, коментира Пресинг.
Ништо помалку значајни не се ни другите четири препораки. Зашто, годинава, на пример, премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски не ги чествуваа заеднички браќата Кирил и Методиј во Рим.
Но, индикативни се две работи.
Прво, најголемата опозициска партија во Бугарија, ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов, официјално побара 24 Мај да биде прогласен за бугарски национален државен празник, наместо досегашниот 3 Март, денот на потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор, што лежи во основата на великобугарските шовинистички ставови.
И второ, Либерално-демократската партија на Горан Милевски во последното соопштение пред гласањето во Собранието за францускиот предлог, побара избор и формирање на нов состав на македонската историска комисија, што значи дека или целосно е изгубена довербата во актуелните членови или дека е оценето дека таа нема соодветен капацитет.
И овој предлог мора максимално сериозно да се земе предвид, зашто непобитен е фактот дека во актуелниот состав нема ниту еден византолог/медијавист! А, периодот на средновековието ниту почнува, ниту завршува со цар Самоил и содржината на препораката за него ќе биде и основа за терминологијата, што ќе се користи и за Охридската архиепископија на чие име се темелат и очекувањата на МПЦ-ОА по укинувањето на шизмата од страна на Вселенската патријаршија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.