По случувањата изминативе три дена во Србија каде 13 годишен ученик усмрти 8 ученици и чувар на училиштето, а следниот ден 21 годишно момче изврши масакр убивајќи 8 и ранувајќи 14 лица, Македонија ги бележи првите инциденти.

Курир објави дека ученик од скопско основно училиште вчера на училиште дошол со пластичен пиштол кој го вперил кон ученици.

Инцидентот се случил околу пладне, во училиштето кое се наоѓа на територија на Чаир. Потврда за овој настан има и од Министерството за внатрешни работи.

-На 05.05.2023 во просториите на основно училиште на подрачјето на Чаир, Скопје, полициски службеници во присуство на родители, педагог, психолог и директорката на училиштето извршиле службен разговор со малолетник-ученик во училиштето, постапувајќи по претходна пријава од директорката на училиштето дека извадил пластичен пиштол (играчка) и го насочил кон други ученици, а потоа и го предал на неа. Известен е дежурен јавен обвинител за малолетници, велат од МВР за Курир.

Порталот објавува уште еден инцидент кој се случил вчера во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. Извори за Курир велат дека список со имиња бил забележан во една од паралелките, по што се јавила вознемиреност кај учениците. Во одговорот кој го добиле од МВР, е наведено дека четири средношколки објавиле содржина со закана на социјална мрежа.

-На 05.05.2023 полициски службеници од ПС Центар при СВР Скопје извршиле службен разговор со Е.Р. (18) и три 17-годишни малолетнички, сите ученички во средно училиште во Скопје, на кој присуствувале и нивните родители, по добиена пријава од вработени во училиштето дека ученичките на социјална мрежа постирале содржина со закана кон ученичка во истото училиште и други лица. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, одговорија од МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.