Ученици од ООУ „Киро Глигоров“ од Скопје денеска го посетија Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, во рамки на Отворен Кабинет, активност којашто овозможува директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски.

Посетителите се запознаа со претседателот Пендаровски и поразговараа за неговата работа и надлежности, а имаа можност и да присуствуваат во просториите во коишто се одржуваат официјалните и работните средби, како и во салите во коишто се одвиваат свечености, состаноци, седници на Советот за безбедност и прес-конференции.

Од вработените во Кабинетот учениците беа информирани за историјатот на објектот во којшто е сместен Кабинетот на Претседателот, како и за начинот на функционирање на оваа институција, а го разгледаа и импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ на авторот – академик Глигор Чемерски, поставен на двата ѕида во Мозаик салата.

Денешниот настан е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, во рамки на кој, досега Кабинетот го посетиле граѓани од различни возрасти и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта од земјава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.