Министерот за правда Никола Тупанчески вечерва изјави дека разрешувањето на директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, поради бегството на затвореникот Беким Мемети, не значи дека работата е завршена, туку треба да се дојде до докази кој се е инволвиран. Тој во интервју за Топ тема на Тв Телма не ја исклучи можноста истрагата за бегството на Мемети да резултира со уште разрешувања директори, меѓу кои и на директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири.

На вчерашната седница на Владата е разрешен директорот на Управата за извршување на санкции и се разгледуваа сите варијанти што всушност би значеле одговорност по вертикална линија. Да потсетам дека пред три или четири месеци претходниот директор кој исто така беше директор на затворот „Идризово“ беше разрешен токму од страна на Владата. Не значи дека тука е завршена целата работа. Едноставно треба да се откријат, да се стигне до докази кој се’ е инволвиран во целава оваа работа дури и формациски. Може да нема директно влијание или директни ингеренции во однос на случувањата, меѓутоа дефинитивно понекогаш треба да се поднесе одговорност и во формално правна смисла на зборот, односно формациски, нагласи Тупанчески.

На прашањето дали Владата оценила дека одговорноста на Тахири е помала од таа на Спасовски, Тупанчески тврди дека не станува збор за оценување на поголема или помала одговорност, затоа што одговорноста би требало да биде по вертикална линија, од првиот до последниот, а тоа треба да го покаже истрагата.

Прашан дали тоа значи дека може да биде разрешен и директорот на „Идризово“, вели дека тоа не е исклучено бидејќи се разгледуваат сите опции.

Досега е оваа фаза, треба да видиме навистина веројатно ретки се случаите кога имаме ваква реакција зборувам општествена кога станува збор за вакви настани. Колкава е одговорноста, дали некој направил ненамерно, намерно, со умисла, од небрежност, тоа треба да го покаже истрагата. Се разбира во вакви ситуации понекогаш и ненамерните пропусти имаат сериозен импакт, вели тој.

Според него, нема сомнеж дека бегството на Мемети било добро организирана акција, која побарува исто толку добро организирана реакција од страна на државните органи.

Станува збор за промптно реагирање од страна на Управата за извршување санкции, со спроведувањето на вонредниот стручен надзор. Тоа значеше суспендирање на сите, првично што изгледа дека се вклучени во однос на овој немил настан. Втора рабора која исто така треба да се подвлече е дека, во меѓувреме, за истите тие лица веќе е одредена мерка притвор и тие се суспендирани од своите работни места, вели министерот за правда.

Трета работа или сегмент, додава Тупанчески, што е комплементарен на претходните е дека е распишана меѓународна потерница од страна на МВР за лицето кое е во бегство. И четврта работа, треба да се посочи дека и органите на прогонот, вклучително и ОЈО за организиран криминал, учествуваат во откривањето на сите докази што се поврзани за овој настан.

Така што ако ги земете овие неколку сегменти, реакцијата е иницијална, меѓутоа тоа не значи дека тука ќе застане, во однос на оваа општетсвена реакција, затоа што очекувањата се дека овој кривично-правен настан има и одредени работи што допрва треба да се истражуваат, подвлече министерот Тупанчески.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.