Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки на презентацијата на програмата за претстојните парламентарни избори најави настава во една смена и продолжен престој за сите ученици.

„Родителите да знаат дека учениците, нивните деца го посетуваат наставниот процес во една смена додека се тие на работа, дека се згрижени и дека не треба да се грижат каде е детето, што прави, како прави, со кого е туку да знаат дека посетуваат настава во една смена. Она кое што е вистински важно е учебник да има секое дете, ние сме свесни дека кога ќе ја формираме новата Влада тоа ќе е втората половина на јуни месец оваа година ќе начекаме многу хаотична ситуација во рамките на образованието која намерно оваа Влада на СДСМ и ДУИ сака да ја остави и ќе дадеме се од себе на 1 септември 2024/2025 година секое дете да има учебник пред себе“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека програмата ги опфаќа и трудовите.

„Ќе стимулираме истражувачки, магистерски и докторски трудови. Според методологијата за објавени трудови во списанијата со фактор на влијание кои се дел од Web of science (Thomson Reuters) ќе се финансира во целост нивното објавување. Дополнително, на прво наведениот автор ќе се исплаќа месечен надоместок во висина од 50% од неговата тековна месечна плата во период од 1 година“, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.