Лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците, Арбен Таравари потврди дека ќе учествува на лидерската средба која е закажана за денеска. На прашање на МИА кои ставови и барања ќе ги изнесе, тој го посочи и терминот на одржување на претстојните избори кој е прифатлив за нив.

– За АА прифатливи термини на одржување на изборите се крајот на април или почетокот на мај да се одржат парламентарните избори и вториот круг од претседателските избори. На оваа средба очекувам тоа да го синхронизираме, рече Арбен Таравари по настан поврзан со денот на лицата со посебни потреби и посочи дека по тоа ќе замине за Скопје на средбата.

Околу прашањето за укинување на техничката влада, според него, сега не е моментот за тоа, бидејќи, како што рече за такво нешто и како тема требало да се разговара пред една година, а не сега пред избори.

Таравари, уште еднаш потврди дека на претстојните избори, се планира неговата партија да настапи самостојно и со свои кандидати, но како што нагласи, конечната одлука треба да ја донесе Централното собрание, деновиве.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.