Повеќемина странски државјани кои во Куманово се доселиле неодамна почнале да вршат религиозни проповеди во просториите на изнајмен објект во градот. Кумановци реагираат и бараат СВР Куманово да испита за што станува збор, кои се овие луѓе и кој им дозволил да проповедаат, објави порталот Фактор.

Додека бројот на луѓето кои реагираат се зголемува нема официјална потврда дека се прави било што во градот.

– Не станува збор за обични туристи (странски државјани), туку за верско обредна организација. Според тоа, не смеат да живеат во приватен објект кој не е наменет за нив. Како родител на две деца ќе кажам, доколку службите не си ја разрешат ситуацијата и не ги протераат, ние како население ќе ја земеме правдата во раце. Како што можеле да влезат, така и ќе излезат. Полицијата не го спречила нивното влегување, аналогно на тоа нема право да го спречи и нивното протерување, вели кумановка.

Некои од нејзините сограѓани ги фотогафирале овие луѓе низ градот. Сепак нема официјална потврда дека тие прават нешто. Со нив има и деца и не е потврдено дека проповедаат и му пречат некому.

Дел од жителите на овој град прашуваат дали ова се луѓето кои беа протерани од Босна и Херцеговина, а кои припаѓаат на екстремистичкиот култ Лев Таор. Членовите на сектата имале американски и канадски државјанства.

Кумановската полиција повика на толерантност, откако кумановци покажаа интерес за овие граѓани кои се сместени во приватни куќи во кумановската населба Зелен Рид.

– Секторот за внатрешни работи Куманово ја информира јавноста дека групата лица забележана во Куманово претставува група припадници на Еврејската верска заедница. Овие лица ги почитуваат законите на Република Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава, соопштија од СВР Куманово.

Во групата, како што информираат од кумановската полиција, има американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, кои, како што посочија од СВР Куманово, имаат легални патни исправи односно документи и имаат одобрен престој во Република Македонија.

– Според информациите со кои располага МВР, групата е во постојано движење и во наредните денови се очекува да ја напуштат нашата држава. СВР Куманово ги информира граѓаните на Куманово дека наведената група не претставува никаква опасност и апелира на толеранција и солидарност кон истите, соопштија од СВР Куманово.

Претходно денеска и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски рече дека кумановци се гостопримливи за сите добронамерници и дека официјалните институции ќе дадат официјално известување за групата граѓани странци кои престојуваат во Куманово.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.