Стотина ангажирани со договор на дело во Прилепската болница денеска излегоа на едночасовен штрајк барајќи Министерството за финансии итно да ги потпише согласностите за нивно вработување. Тие велат дека во моментов нивниот статус никако не е решен зашто не се потпишани ниту новите договори на дело кои вообичаено ги добивале на почетокот на јануари. Проблемот, според нив, е што не потпишува дополнителната заменик-министерка за финансии.

-Жалосно е што нашето прекинување на работните задачи, за кои моментално немаме ниту договор кој вообичаено се потпишува во почетокот на февруари, трпат пациените. Од медиумите дознавме дека согласност за договорите на дело и согласност за нашето вработување во редовен работен однос се во фиока кај дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова. Од владата се обезбедени сите согласности, но пречката е во министерството за финансии. Ставете го вашиот потпис денес, драга министерке, на таа согласност зашто сите рокови изминуваат. Станува збор за персонал од преку 100 луѓе, изјави Благоја Јагуриноски, ангажиран во болницата со договор на дело.

Снежана Илиеска, медицинска сестра во гинеколошко-акушерското одделение вели дека имаат одговорности, но без решен статус е речиси правно неиздржано.

Од Независниот синдикат на болницата изјавија дека Парламентот тоа може да го реши, ако денеска или утре итно донесе законски измени.

Менаџментот на болницата ја дава целосната поддршка на персоналот.

Ангажираните со договор на дело кои во моментот немаат никаков статус најавија дека доколку не им се излезе во пресрет, ќе протестираат пред Министерството за финансии во Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.