Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, вечерва во гостувањето на локалната ТВ Плус им ги честита новогодишните и божиќни празници на сите граѓани, посакувајќи им многу здравје, успех во секој дом, но и обединување како народ затоа што без обединет народ нема просперитет.
Во божниќното интервју, Димитриевски истакна дека средствата кои биле планирани за украсување на градот ќе бидат пренаменети за изградба на енергетско ефикасен објект и инсталација на соларни панели.
Поради енергетската криза донесовме одлука да не го украсуваме градот, скромно поставивме новогодишна елка на градскиот плоштад, а дополнително упатувам благодарност до советниците коишто во соработка со дел од училиштата чисто симболично украсија дел од градскиот плоштад. Тие средства во 2022 година ќе ги пренамениме за изградба на енергетско ефикасен објект и инсталација на соларни панели на некои од јавните објекти во градот. Во моментов, еден од поголемите потрошувачи на електрична енергија е градскиот базен, можеби таму ќе ги насочиме средствата и ќе намонтираме соларни панели кои ќе направат дополнителна заштита во потрошувачка на електрична енергија на тој објект и ќе биде современ еколошки енергетско ефикасен објект, рече Димитриевски.
Општина Куманово во целиот овој изминат период успеа и покрај тоа што беше тешка социо-економска состојба да излезе од финансиската криза, да се стабилизира и реализира голем број на успешни проекти.
Реализиравме голем број на инфраструктурни проекти, голем број на спортски игралишта, нова подземна, надземна инфраструктура. Генерално сум задоволен од спроведените проекти, иако сметам дека секогаш може повеќе, можеби да имавме разбирање и професионален однос од одредени надлежни институции коишто даваа согласност како што беше случајот со МВР, денеска Куманово ќе имаше уште еден модерен кружен тек, изјави Димитриевски и најави дека во планот за работа се пет кружни токови кои треба да помогнат во подобрувањето на безбедноста во сообраќајот.
Тој посочи дека општината планира да влезе во постапки за изградба на нови паркиралишта, модуларниот систем за изградба на катни гаражи во моментов согласно цената на челикот на пазарот е многу скапа и затоа таквите проекти се оставени за во иднина. Исто така, во план е да се реконструира паркиралиштето на локалитетот Серава и да се работи на дислокација на времените објекти коишто се поставени на локација зад градскиот плоштад или стара општина, за да се уреди тој простор и се стави во функција. Дополнително, во план е изградба на уште едно паркиралиште на булеварот „Октомвриска револуција“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.