Непотребно е донесувањето на законот за амнестија, оцени Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој смета дека неговата примена, нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите, а како што вели, не е ниту момент за амнестија.

„Прво, не е соодветно ниту времето, ниту моментот на носење на Закон за амнестија. Второ, опфатот кој што е барем соопштен дека ќе опфати прилично мал број на лица, исто така нема да помогне во многу.Нема да имаме никави ефекти во однос на носењето на законското решение, нема да допринесе значително да се ослободат места итн или да се намали притисокот на КПУ. Јас мислам дека треба државата стратешки да размислува во зголемувањето на капацитетие на затворските институции“, изјави Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи.

Според него, амнестираните многу често по излегувањето од затвор ги повторуваат делата.

„Ние секогаш укажуваме на тоа дека тие лица кои сториле кривични дела, пред се, разбојништва, тешки кражби итн, претставуваат уште еден терет за безбедносната состојба, или ако ги погледнеме минатите закони за амнестија ќе видите дека најголемиот дел од тие лица за два до три месеци повторно се враќаат назад заради тоа што имаат повторно кривични дела со кои ние секојдневно се справуваме“, вели министерот за внатрешни работи.

Законот за амнестија подготвен од Министерството за правда, пред пратениците е предвидено да се најде за десетина дена. Опозицијата се противи на неговото донесување и најави бројни амандмани. Власта пак со амандман ќе спречува од затвор да излезат и помагачи на тешки кривични дела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.