Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваше на годишната Конференција за преглед на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДЦАФ), при што учествуваше на панел дискусијата „Реформите во разузнавачкиот сектор во Македонија – тековни постигнувања, останати предизвици и идни приоритети”.

Министерот Спасовски во текот на панел дискусијата, меѓу другото, беше запрашан за оценка на сегашната состојба на спроведените реформи, при што тој истакна дека се направени успешни реформи на безбедносните служби коишто, како што рече, започнаа по т.н. скандал со незаконското следење на комуникациите и последователните препораки дадени од страна на Европската комисија (ЕК) преку овластената група на независни и виши експерти за владеење на правото, предводени од Прибе, а следењето на комуникациите, правосудните и обвинителските органи и надворешните надзорни тела тогаш беа дефинирани како трите главни подрачја во кои се најмногу потребни итни интервенции.

„Во насока на операционализација на наведените приоритети, Владата на Република Македонија ја постави реформата на безбедносно-разузнавачките служби високо на агендата во Реформскиот план, а со цел создавање реформирана, професионална, независна и отчетна институција, која ќе постапува согласно нови строго пропишани законски норми, во согласност со високи етички и професионални стандарди, а во насока на исполнување на препораките на Прибе. Реформскиот пакет во сферата на следење на комуникациите, всушност, содржи два нови закона – Законот за следење на комуникациите и Законот за Оперативно-техничка агенција. Со цел усогласување со некои одредби од овие закони, во истиот период беа усвоени измени и дополнувања на сите други релевантни законски решенија, како што се Законот за електронските комуникации, Законот за кривичната постапка, како и дополнување на Законот за класифицирани информации. Нешто подоцна, беше донесен и Закон за Агенција за национална безбедност, како и Закон за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со што се заокружи законската рамка за спроведување на реформите”, истакна министерот Спасовски.

Според министерот Спасовски, сиот капацитет на институциите треба да се вложи со цел граѓанскиот надзор и контрола да биде ставен максимално во функција. „На тој начин мислам дека ќе ја зајакнеме и довербата кај граѓаните во безбедносните служби, односно генерално во безбедносната заедница“, порача Спасовски, додавајќи дека покрај легислативното, потребно е да се направи и физичко одделување на АНБ од МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.