Претседателот на Техничката Влада, Талат Џафери, во име на Владата и во свое име, испрати телеграма со честитки за најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, до православните верници и до сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.

Задоволство ми е во име на Владата на Република Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, Вам, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот. Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата, се наведува во честитката.

Како што се посочува во честитката, особено во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит.

Вашата улога има голема одговорност и јас Ви посакувам мудрост во исполнувањето на благородната мисија. Ви пожелувам празникот да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите, а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија, стои во честитката од Џафери до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.