Екс министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Клик Плус“ на ТВ21 кажа дека за лошиот изборен резултат свое влијание има и однесувањето на коалицискиот партнер ДУИ.
„Има повеќе причини за таквиот резултат, но ако треба неколку да одвоиме, тие се самата поставеност на партијата да ги направи најтешките работи за државата да може да чекориме напред, а тоа е Договорот со Бугарија, која беше цело време зборуван од јавноста. Однесувањето на ДУИ визави СДСМ, визави состојбите во државата. Настаните кои ни се случуваа во текот на сите овие години, кадровскиот потенцијал итн, сметам дека има големо влијание“, изјави Спасовски.
Спасовски кажа дека во јавноста се создала перцепција дека „СДСМ му дала се на ДУИ од она што е побарано“, но соработката била сосема поинаква.
„Имаше ситуации кога со коалицискиот партнер не се согласувавме со некои работи, и имаше дебати и расправии. Мојот став е дека секогаш во владата и во другите институции мора да има конструктивна дебата и само така да се решаваат проблеми“, смета Спасовски.
Спасовски се пофали дека минатата влада направила многу во борбата против криминалот и корупцијата. Ја „нападна“ опозицијата за решавањето на проблемите со пасошите, и кажа дека ќе поддржи одлука да им бидат вратени пари на граѓаните за менувањето на пасоши. Исто така за претседателката кажа дека е лицемерна, со оглед дека не кажува „Северна“, но го потпиша указот со уставното име.
Околу тоа дали некој од СДСМ може да премине во актуелното мнозинство, Спасовски одговори:
„Убеден сум дека од СДСМ не постои пратеник кој ќе даде поддршка на актуелното мнозинство“, рече Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.