Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски се обрати на отворањето на конференцијата БГМК 2030: Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво, којашто во организација на Либералната интернационала во соработка со Американскиот универзитет на Европа – ФОН, се одржа во Скопје.

Мојата, и намерата на мојот пријател и колега, премиерот Петков, е да отвориме најшироко поле за соработка меѓу голем број засегнати страни од општествениот живот. Граѓанскиот придонес, придонесот на академијата и на соработката на високообразовните институции се еден важен елемент во тој процес.

Точно е дека испишувањето на новите страници на односите меѓу двете земји е поставена на највисоко ниво, на ниво на Влади. Но, јас и премиерот Петков ја презедовме иницијативата да се водат инклузивни разговори, од долу нагоре. Односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството меѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување.

Затоа беа формирани работните групи, затоа се утврдени приоритетите, затоа се внесени деновите за реализација во календарите на активностите, рече Ковачевски на отворањето на конференцијата.

Тој е убеден дека започнатиот процес ќе ја обнови атмосферата на доверба и пријателство и дека тоа ќе биде силен поттик да се отворат вратите за заедничко прифатливо решение за отворените политички прашања.

Таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, разликите лесно се надминуваат. Заедно отворивме искрен и посветен дијалог за стабилност и развој за двете држави. Поттикнавме продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу нашите две земји. Двете Влади се определија да водат политики на градење мостови, а не ѕидови.

Со тоа двете држави покажуваат одговорност кон своите граѓани за постигнување достоинствени решенија за двата народи за подобрување на животот на граѓаните.

Постигнавме согласност заедно да ја спречуваме недобронамерната пропаганда доколку се појави внатре во државите, заедно да бидеме против говорот на омраза и заедно да го поразиме национализмот.

Реформски определените Влади во Скопје и Софија се посветени на отворањето на нови перспективи за развој и напредок на односите меѓу двете земји.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.