Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека како контакт точка на Македонија, преку НАТО механизмот за помош при катастрофи, односно преку Евро-атлантски координативен центар за одговор на катастрофи, пристигнато е барање за помош на Словенија.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, по консултации со Генералштабот на Армијата, извести дека Армијата на Република Македонија е подготвена да испрати 100 армиски припадници, кои по донесување на Одлука на Владата и давање согласност на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, ќе бидат подготвени да тргнат, а дали и колку точно припадници на Армијата ќе заминат за Словенија ќе се одлучи во координација со Владата на Република Словенија која треба да се изјасни дали ја прифаќа понудената помош и во колкава бројност, информираат од ЦУК.

Од Министерството за одбрана, за МИА потврдуваат дека во Словенија може да бидат испратени 100 припадници на Армијата, но дека за тоа, конечната одлука ќе ја донесе Владата.

До Дирекцијата за заштита и спасување, како контакт точка со ЕУ, преку Координативниот центар за одговор на итни состојби на ЕУ пристигна барање за помош на Словенија со тешка механизација, односно булдожери, багери и слично.

Директорот на ДЗС, Беким Максути, во изјава за МИА, го потврди ова барање на Словенија преку Координативниот центар за одговор на итни состојби на ЕУ и рече дека ќе се постапува согласно одлуката на високите инстанци на државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.