Медицинските сестри од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје денеска ги демантираа тврдењата за работењето на клиниката, изнесени на 2 ноември на прес-конференција од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тие ги демантираа тврдењата на Мицкоски дека во амбулантскиот дневник медицинскиот персонал го запишувал остатокот од неискористените лекови, како да е даден на друг пациент, без писмени докази дали лекот навистина е даден или е фрлен.

Од административен аспект, односно водење евиденција, на сите одделенија и дневните болници, има и уредно, редовно и секојдневно евидентирање на сите работи во амбулантско – хоспитален дневник, архива на требовања, компјутерска проверка во секој момент е достапна и се однесува на салдо во моментот, опијатни тетратки, тетратка на потрошени цитостатици – картици, пишува во денешната реакција.

Погоренаведените евиденции што ги водиме, како што се додава, се достапни за проверка на наделжни органи, како и „со ова, во целост ја демантираме таа изјава“.

Во демантот наведуваат дека сите лекови кои се требуваат од аптека и има остаток од истите, се употребуваат за следни пациенти. Остатокот, како што додаваат не се фрла, со цел заштеда на истите и тој е уредно евидентиран во амбулантски дневник во Одделот за цитостатска терапија – Дневна болница.

Се негира и тврдењето на Мицкоски, како што се истакнува во соопштението во врска со „давањето лекови во торбичка“, како и дека им се давале лекови на пациенти надвор од клиниката.

Терпијата за пациентите е сериозна работа и се даваат лекови на пациенти надвор од клиниката, односно станува збор за редовна терапија во вид на таблети и ампули, со цел да се аплицираат во матичен медицински центар или со домашна посета, со уредно напишан извештај од лекар. Напоменуваме и појаснуваме дека станува збор за симптоматска терапија, која не е терапија на условен буџет од ФЗОРСМ, туку редовна терапија која се аплицира преку домашна посета или матичен лекар. Со истото финансиски се заштедува на трошокот на пациентот и секојдневно доаѓање на клиниката, се нагласува во демантот.

Апелираат да престанат препукувањата на политичките партии преку Клиниката и да се остави таа да функционира нормално и без какви било притисоци, со цел да се заштити здравјето на пациентите, кои секој ден доаѓаат таму и се лекуваат, како и вработените во истата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.