Предлог законот за воведување една изборна единица помина на Комисијата за политички систем иако имаше и пратеници со различни ставови во однос на овој предлог. Предлогот за една изборна единица помина со 11 гласа за, по што треба да следи и отворена јавна расправа за промена на овој модел.

Комисијата за политички систем ќе покани експерти кои ќе дебатираат за изборниот систем, а вчера имаше согласност само за аспектот една изборна единица, вели проф. Гордана Силјановска Давкова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ за „Утрински брифинг“.

Силјановска Давкова додаде дека ова не е проблем да се прифати од ВМРО-ДПМНЕ, но, потребен е консензус кој за жал тешко се гради.

Со пропорционалниот систем полесно се отсликува мултикултурниот амбиент. Сега помалите партии бараат една изборна единица, а во такви услови пропорционалниот систем е најпропорционален. Така секој глас еднакво вреди, а апстиненцијата од гласање не влијае. Малите етнички заедници кои се дисперзирани низ Македонија ќе добијат можност да бидат застапени, вели Силјановска Давкова.

Таа додава дека Донтовиот модел има свои добри и лоши страни. Праг треба да има и има, тој е или зададен или е природен. Силјановска Давкова вели дека има многу повеќе држави кои имаат пропорционален модел, а помалку се една изборна заедница.

Има триесетина други техники за пресметување наместо Донтовиот модел, и тоа е прифатливо но мора да има консензус меѓу партиите. Ние важиме за држава со фрагментирана партиска и парламентарна сцена, додава Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова посочи дека не само ДУИ туку и Алијанса на Албанците се изјасни дека не прифаќа една изборна единица. Тие инсистираат на поголем број на изборни единици.

Тие инсистираат и на нешто друго, наместо шест изборни единици, бараат осум и во проектирањето на изборните единица да се тргне од број на гласови. На пример, има држави дека еден мандат се добива со 10.000 освоени гласови или еден мандат се добива со 12.000 и тоа е дел од Законот. Но, најважното вчера што беше кажано по мене е дека целиот Изборен законик треба да се преиспита. Факт е дека во оваа држава шансите на помалите партии за медиумско преставување, за финансирање, не се исто со оние на големите партии, рече Силјановска Давкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.