Штрајкот во образованието и згрижувачката дејност, односно во основните и средните училишта и во градинките, влезе во втората недела откако синдикалците членови на СОНК, како што соопштија, го одбија усниот предлог од Владата за линеарно зголемување на платите од 2.500 денари од јуни, за што ќе се разговара во Собраниетo.

Од вкупно 75 установи во 29 нема штрајк и вработените се на работните места. Во останатите дел од вработените штрајкуваат но има згрижување на децата. За жал, децата од училишна возраст не се во училиштата, вели Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика во гостувањето на Утрински брифинг.

Тренчевска вели дека правото за штрајк е регулирано со Закон за работни односи и колективните договори за детска заштита и образование и работодавачот ги исплаќа придонесите, но дека нето платата на секој вработен треба да ја исплати СОНК.

Не дека не сака, државата нема основ како да ја исплати плата. Член 240 го дава правото на штрајк, а член 241 се однесува на тоа дека синдикатот треба да исплати плата. Ова е штрајк за барање унапредување на работничките права. Со одлуката за штрајк СОНК се повикува на усогласувањето со минималната плата, а законот за минимална плата има рок од шест месеци за усогласување, вели Тренчевска.

Таа додава дека од вработените во градинките се барало да се води евиденција кој штрајкува за работодавачот т.е. државата да може да им исплати плата на оние кои редоно оделе на работа, а другите треба да ја побараат платата од СОНК.

Очигледно дека на СОНК само парите им се важни. Не зборуваат за унапредување на правата на вработените, за условите за работа, кариерен развој и т.н. Ние за ова разговараме и наскоро ќе има закон. Но, на средбите со синдикатот единствено за што се зборуваше беше усогласувањето на платите со минималната плата, вели Тренчевска.

Тренчевска додава дека оваа понуда што ја даде владата е најдобрата што можеше да ја понуди, а потоа се планира нова методологија за усогласување на платите што ќе биде системско решавање на проблемот и секоја година ќе се усогласуваат платите со трошоците на живот според податоците на Дравниот завод за статистика.

Во услови на кризи да барате 18 отсто зголемување на платата е предизвикување на инфлацијата и е нереално. Реално е 10 отсто, она што Владата им го понуди на претставниците на СОНК. Кога шест месеци беа затворени градинките зошто СОНК не се побуни зошто им се дава цела плата на вработените?, вели Тренчевска и додава дека реториката на синдикатот и опозицијата е иста, но дека таа не сака да верува дека штрајкот е политички поттикнат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.