В.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вчера рече дека доколку се решат да станат дел од сегашната власт, а со тоа и да се добијат потребните гласови за повторно отворање на Уставот, партијата ќе постави „сериозно барање кое е многу важно за општеството и кое е прифатливо за секоја политичка партија“.

Таравари не сакаше да открие за што точно станува збор, туку само посочи дека условот не е бришење на квотата 20% Албанци во Уставот, а не е ниту барање за назначување прв премиер Албанец од редовите на Алијанса за Албанците.

Сега кога ќе дојдат уставните измени, верувам дека и ние за 10-15 дена ќе го изнесеме нашето барање пред меѓународниот фактор. Тоа ќе биде многу сериозно барање на Алијансата за Албанците. И тука не станува збор за бришењето на квотата 20% Албанци во Уставот, ниту, пак, за назначување прв премиер Албанец. Се работи за нешто многу важно за општеството и за државата, па затоа го подготвуваме материјалот. Секако, консултиравме и меѓународни експерти и подготовката на материјалот е при крај. Сега не можам да ви откријам за какво барање станува збор, но јас лично верувам оти нема да има некоја политичка партија која би го отфрлила барањето. Засега немаме никаква официјална понуда од Владата. А ако има понуда, секако дека ќе ја разгледаме. Во моментов сме фокусирани на партијата, на конгресот и сметаме дека треба да работиме со нашите членови со цел да ја направиме партијата уште посилна, изјави Таравари.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за „Плусинфо“ објавува неколку идеи за тоа што би можел лидерот на Алијанса за Албанците да бара за возврат.

Многу е тешко сега да се предвиди што би било барањето на Алијанса за Албанците, бидејќи сите досегашни барања од албанските партии биле токму за оние работи што Таравари уште вчера ги елиминираше – бришење на квотата 20% Албанци во Уставот и барање за назначување прв премиер Албанец. Но, каков би можел да биде условот за да би бил важен за целото општество? Може да биде рамномерна распределба на инвестиции по региони, односно локален економски раст. Може да биде и рамномерна дистрибуција на буџетот. На пример, ако се троши одредена сума пари за образование и за здравство во Делчево, тогаш треба соодветен процент да се троши и во Тетово и во Гостивар. Може да биде и некакво унапредување на правата на заедниците неповрзано за овие квоти. Може да биде унапредување во службата. На пример, да влијае квотата на тоа колку има луѓе на раководни позиции, колку има на повисоки позиции, и сето тоа да стане дел од Балансерот. Секако, зборувам за претпоставки, вели Арсовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.