Дел актуелни министри ќе останат и во новата влада на Димитар Ковачевски, без да се направи сериозна анализа колку тие придонеле за поразот на СДСМ на локалните избори. Ова, според информации на „Слободен печат“, била главната забелешка на поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов на седницата на Извршниот одбор на партијата.

Шилегов иако не споменал имиња, алузијата била дека на Оливер Спасовски и на Љупчо Николовски не им е место во новата влада, бидејќи „не може за изборниот пораз да бидат виновни Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Венко Филипче и Петре Шилегов, а Спасовски како тогашен потпретседател на СДСМ и Николовски како генерален секретар и шеф на изборниот штаб да не понесат одговорност, туку да бидат наградени со нов мандат“.

Според информациите, на Извршниот одбор Шилегов бил воздржан за кадровскиот состав за новата влада, додека на Централниот одбор воопшто не говорел. Впечатливо е, вели изворот на „Слободен печат“, дека на состаноците на партиските органи не присуствувале ниту еден од актуелните министри кои Ковачевски не ги стави на листата за новиот владин кабинет, односно на состаноците не дошле Шекеринска, Филипче, Царовска, Јагода Шахпаска и Ирена Стефоска. Сепак, толкувањата се дека актуелните министри кои нема да бидат во новата влада, тоа што имале да му го кажат на Ковачевски, го кажале на одделните средби со мандатарот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.