Како дел од агендата за посета на Лондон каде се одржува Светскиот образовен форум – најголемиот интернационален собир на министри и раководители на образовни институции и установи, министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска се сретна и со група студенти од Македонија кои студираат на престижни британски високообразовни установи со финансиска поддршка на Министерството за образование и наука.
Драго ми е што се сретнав со вас и што имаме можност да поразговараме за вашето искуство околу студирањето на врвните универзитети, за што имате целосна поддршка од мене и владата на Македонија. Верувам дека некој од вас ќе биде следниот Елон Маск, кој што ќе може својот потенцијал да го инвестира со огромен успех на нашиот пазар, со што покрај личниот успех, целосно ќе го искористи и за напредок и промоција на нашата држава, за подобрување на образованието, промоција на претприемништвото кај младите и натамошна демократизација на државата, рече министерот Шаќири.
Тој додаде дека планот на МОН и на Владата е финансиската поддршка за младите од Македонија кои ќе изразат желба да студираат на некој од најдобрите светски универзитети, да продолжи и во иднина, затоа што вложувањето во човечкиот капитал е основен услов за развој на земјата.
Вкупно девет студенти од Македонија студираат на Kings College, University College of London и Imperial College London, со стипендии кои ги доделува Министерството за образование и наука за сите студенти кои ќе успеат да се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на некој од првите 100 универзитети во светот според Шангајската ранг листа.
Средбата на министерот со студентите е во организација на амбасадата на Македонија во Лондон и амбасадорката Александра Миовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.