Долговите за струја во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се наталожени бидејќи во последните три години во време на ковид-пандемија не можевме да организираме добро менаџирање, а тука е и енергетската криза што за 500 проценти ја поскапи електричната енергија, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали.

Тој уверува дека се работи на решавање на проблемот со заостанатиот долг за електрична енергија на клиниките.

Во изјава за медиумите појасни дека проблемот е кај дел од клиниките кои набавуваат електрична енергија преку заеднички служби.

Еден дел од клиниките набавуваат електрична енергија директно од набавувачи, додека друг дел се преку заеднички служби. Во делот на заедничките служби, поради наталожен долг во период на ковид-пандемија се соочиле со отежнато функционирање во делот на финансиското менаџирање, рече Сали.

Додаде дека Фондот за здравствено осигурување е во комуникација со клиниките и се бара начин како да се надополнат буџетите, со цел да се подмират долговите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.