Обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска денеска во изјава за медиумите откри дека била суспендирана една недела пред да почне распит на сведоци за случајот „Станица за технички преглед на Беса транс“, во кој како шеф на МВР е инволвиран министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Процесните дејствија во истрагата за предметот поврзан со Спасовски кои требало да продолжат идната недела, а кои може да доведат до кривична пријава за најмоќниот човек во владата и во СДСМ дава нова перспектива за суспензијата на Русковска.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) уште од мај годинава испитува зошто во Министерството за внатрешни работи со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одбива да одговори зошто три и пол месеци го чувал во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, а го потпишал три дена по трагедијата на автобусот „Беса Транс“ кој изгоре на автопатот во Бугарија.

Затоа отвори истрага Обвинителството и ќе ги даде резултатите. Мојот одговор е дека моментално има истрага што се води и ќе ги даде резултатите, рече Спасовски во мај годинава.

Со откритието дека Русковска е суспендирана пред да ги процесира индициите за криминал во случајот Беса транс во кој е инволвиран и Спасовски случајот на суспензија на шефицата за организиран криминал добива уште една, најмалку четврта причина или личен интерес на моќни политички фигури.

Покрај шефот на Финансиската полицијата Арафат Муареми и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути од ДУИ против кои Русковска води истражни дејствија се чини дека личен интерес за суспензија има и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Надвор од политичките фактори интерес од суспензијата на Русковска има и Вице Заев, кој е дел од истрагата за рекетот во РЕК Битола и кој е наведен во кривична пријава за криминал и уцени вредни 250 илјади евра.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.