Локалната самоуправа на општина Тетово мора да биде повеќе ажурна во своето работење, особено кон исполнувањето на обврските во областа на образованието и наместо раководството да води дневна политика преку прес конференции и соопштенија полни со неосновани критики и лажни информации, повеќе да се фокусира на потребите на учениците, реагираат со соопштение од Министерството за образование и наука (МОН).

По информацијата дека во Тетово недостасуваат учебници, должни сме да ја информираме јавноста дека секое училиште уште во месец мај во една тековна година, преку електронска апликација пријавува број на учебници по сите предмети, кои ќе бидат потребни за следната учебна година. Врз основа на овие доставени податоци, МОН набавува соодветен тираж и истиот го испорачува до општините.

Во Тетово недостасуваат учебници, а во постојниот фонд има и оштетени учебници, поради тоа што училиштата на нејзина територија или не доставиле воопшто или пак доставиле неточна информација за реалните потреби согласно бројот на ученици и не ги пријавиле оштетените учебници кои биле должни да ги пријават согласно Упатство со кое се запознаени, велат од МОН.

Информираме дека на 29 април годинава, МОН со допис ги извести сите општини дека е потребна информација за бројот на учебници за новата учебна година, со рок истата да се достави до 12 мај. Од училиштата во Тетово немаше никаква реакција и по неколку потсетувања од страна на службите на МОН, информации доставија дури во средината на месец јуни. И покрај неажурноста од страна на тетовските училишта, МОН веднаш пристапи кон испорака при што достави 409.458 учебници од прво до петто одделение, а наскоро ќе заврши и испораката на 48.254 учебници за седмо, осмо и деветто одделение.

Безобразно е да се обвинува министерството, кога неодговорноста и негрижата на општината се очигледни. Ова го потврдуваме и со еден дополнителен факт – само минатата учебна година, Тетово не искористи 18 милиони денари кои како министерство ги префрливме во форма на блок дотации, со кои можеа да се подобрат условите во училиштата. Наместо тоа, на стартот на оваа учебна година за жал, во дел од училишните објекти немаше ниту електрична енергија, која по наша интервенција беше повторно пуштена.

Веруваме дека на јавноста сега и станува појасно, зошто ингеренциите на општина Тетово се одземени од страна на Министерството за образование и наука. Нема да дозволиме лични и партиски интереси, да бидат над интересите на најмладите, се вели во соопштението на МОН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.