По само два месеци од масовното убиство на кучиња од Струга, кога вооружани лица среде бел ден стрелале во жива мета по улиците на Струга, фрапантно кршејќи закон; сведочиме на јавно охрабрување за убивање на кучињата. И тоа не изјави на некој обичен граѓанин туку првиот човек на Струга, кој очигледно залутал во дејност чија одговорност не ја разбира, реагираат од здружението „Анима мунди“, на изјавата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко дека „ако можиме да колиме јагниња, да колиме телиња, да колиме овци, овни, да тепаме диви животни, да ловиме риба, се правиме што ни е потребно за наш живот, а единствено ќе ги чувема кучињата“.
Рамиз Мерко, ова не е племенски сојуз, туку држава! Законите, стратегиите постојат за да се унапредуваат, а со идеите за тендери со ловни друштва и убивање на секое куче од улица, закана сте по сѐ што е цивилизациска придобивка, претставувате опасност и ја срамите Струга.
Ова е говор на омраза кој промовира и поттикнува насилство за што треба итно да се биде казнет!
Со вакви сфаќања, повици и изјави човек не смее да биде политичар, уште помалку градоначалник на град и атрактивна туристистичка дестинација во нашата држава.
Од една страна Струга со сите свои убавини, од друга градоначалник кај кој личи дека општествената еволуција застанала, за кого емпатија и хуманост се непознати поими а насилството, безредието, убивањето животни посакувана норма.
Компаративно одобрување на помало убиство – животно, не може никогаш да го прави истото дело оправдано. Посочуваме и дека во изјавата Рамиз Мерко кажува како жител од село Мислешево убил и натоварил цел трактор со мртви кучиња, бараме институциите, обвинителелството веднаш да постапи по овој случај на кој Мерко е очигледно сведок и да биде повикан на распит. Воедно легитимно е да се праша дали градоначалникот на Струга ги поттикнал или ангажирал оние кои во јануари стрелаа бездомни кучиња по градот, загрозувајќи ја безбедноста на сите, а притоа никој да не одговара до ден денес. Одговорност мора да има ако целиме кон правичност и правда, а не кон девијација на и она малку нормално што остана од/во нашава држава!, реагираат од здружението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.