Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неговиот Кабинет ја прими на проштална средба амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мари Брнз.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери и се заблагодариl на амбасадорката Брнз за нејзината значајна улога во унапредувањето на политичките процеси во земјата, како и за силната поддршка на процесот на интеграција во НАТО и ЕУ во текот на нејзиниот мандат, истакнувајќи дека Македонија и САД негуваат извонредни билатерални односи.

Амбасадорката Брнз истакнала дека во текот на нејзиното извршување на функцијата беа донесени неколку клучни одлуки во земјата и се случило членството во НАТО.

Таа изразила задоволство од можноста да биде дел од прогресот на земјата во целина и на Собранието. При тоа, го оценила како мошне успешно водството на Собранието од страна на претседателот Џафери и неговите напори да го подигне значењето на Собранието како законодавна власт и да ја зацврсти неговата независност. Брнз додала дека сите се импресионирани од постигнувањата на Македонија и нејзините перформанси како членка во НАТО.

На средбата, претседателот Џафери и врачил на амбасадорката Брнз признание за нејзиниот целокупен придонес и и посака успех во нејзините идни професионални предизвици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.