На Владина седница била донесена Oдлука за формирање на Советодавно тело за давање на мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице, соопштија од Владата.

Претходно, била усвоена информацијата за потребата од иницирање меѓуресорско, ад-хок тело како привремено решение, до донесување на нов Закон за здруженија и фондации, којшто е во фаза на изработка. Ова е преодно решение за барањата поднесени од страна на здруженијата и сите правни субјекти, кои во името имаат историска личност.

Владиниот потег доаѓа откако во јавноста имаше многу реакции по формирањето здруженија со имиња на контроверзни личности од историјата поврзани со Бугарија, како „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“.

Формираното владино тело ќе ги анализира поднесените предмети и на надлежните институции ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на кој ќе се формираат, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи.

Советодавното тело е составено од седуммина членови, номинирани од самите институции:

1. Д-р Билјана Ристовска – Јосифовска, редовен професор на Институтот за национална историја при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” – Скопје;

2. Д-р Бобан Петровски, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје – за прашања од антички период и среден век/д-р Никола Минов, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофски факултет во Скопје – за прашања од нов и најнов век;

3. Академик Драги Ѓоргиев, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите;

4. Антонио Павлоски, посебен советник во Кабинетот на Министерот за култура;

5. Билјана Мицковска, од Сектор за правни работи при Министерството за економија;

6. Сафет Незири, државен советник за образовни политики во Министерството за образование и наука и

7. Ана Трајчева – регистратор во Централниот регистар на Република Македонија;

Во работата на ова тело по потреба може да бидат вклучени дополнително и други лица од граѓанскиот сектор и надлежните институции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.