Имајќи ги предвид етичките кодекси на академската заедница, современите научни методи и парадигми, автономноста на научно-истражувачката дејност, како и интегритетот на македонските општествени, хуманистички и историските науки, припадниците на академската и научно-истражувачката заедница од Република Македонија, со индигнација ги отфрлааат „Препораките на Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“ и истите ги сметаме за псевдонаучни, поради следниве причини, се наведува во нивната реакција.
-
„Препораките…“ го игнорираат фактот дека ‘историското право’ не е призната категорија во меѓународното право, па следствено – за историските прашања не се валидни политичките спорови и договори.
-
„Препораките…“ ја интерпретираат, па и ја ревидираат македонската и регионалната балканска историја на начин кој има политички претекст, поради што отстапуваат од принципот на научност и етичност.
-
Политичкото инсистирање да се усвојат билатерални препораки за историја која има мултилатерален и унилатерален карактер, па не може да се официјализира како „заедничка“ бугарско – македонска историја, претставува повреда на референтната парадигма на хуманистичките науки.
-
Под привид на реципроцитет, „Препораките…“ промовираат метод на арбитрарно и пристрасно толкување на историските факти, личности, настани и процеси кои се значајни за повеќе народи, култури, држави и епохи.
-
Во овие „Препораки…“, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката.
-
„Препораките…“ го дискриминираат усвоениот и научно заснован наратив за културната, националната и политичката историја на Македонија, застапуван од македонски и други научници со меѓународна репутација.
-
Иако историјата на Македонија и на Македонците е повеќедимензионална и опфаќа повеќе историски епохи и цивилизациски констелации (античка, средновековна, нововековна, современа), во „Препораките…“ се маргинализираат цели епохи од национална, регионална и меѓународна важност.
-
Во контекст на македонската историја, Македонија може и треба да се проучува, културолошки, тематски и методолошки, на повеќе начини: како територија (геополитички), како држава, како нација која има свој сопствен развоен културен и политички континуум – од етнос до македонска политичка нација и признат меѓународно правен субјект.
-
Македонската историја претставува суверен интерес на Република Македонија, како што историјата на Бугарија е примарен интерес на бугарската држава, па треба да го задржи правото на сопствено научно и официјално толкување.
Поради сето ова, ги сметаме за ништовни и нерелевантни за нашата понатамошна научно истражувачка дејност т.н. „Препораки за заедничко одбележување на историски личности“ на „Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија..-се наведува во писмената реакција потпишана од стотиа научници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.