Во рамки на десетдневниот рок за помирување кој почна минатиот четврток, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска треба да ги продолжи преговорите со Министерството за образование и наука за исполнување на нивните барања за повисоки плати и усогласување на колективните договори во образованието.

По завчерашните преговори во МОН со медијатор, претседателот на СОНК Јаким Неделков соопшти дека завршила рундата преговори и тие ќе продолжат денеска и дека очекуваат конкретни одговори на нивните предлози.

Заврши денешната рунда на преговори со МОН, под покровителство на помирувач. Сите прашања кои се отворени, врз основа на нашите барања беа дискутирани, анализирани, аргументирани од двете страни, објави завчера Неделков на Фејсбук.

Рокот за медијација е десет дена за усогласување на ставовите и ако не се постигне договор односно една од страните не е задоволна, преговорите ќе продолжат за уште десет дена.

На 28 април СОНК соопшти дека штрајкот, кој почна на 11 април, ќе го стави во мирување и наставата ќе продолжи, откако добил известување од Министерството за труд и социјална политика за законска одредба за мирно решавање на спорот со медијација.

Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување сè додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, рече Неделков минатиот четврток.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.