Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) бара од Владата итно да се одржи седница на Социјално-економскиот совет, а причина за тоа е актуелната состојба „која е неиздржлива поради енормно покачените животни трошоци“.

Доколку не се исполнат барањата за итна седница, КСОМ најавува дека ќе одржи штрајк.

Претседателот на Независниот синдикат на полицијата и главен генерален координатор на независните синдикати во Македонија Гоце Делчев Тодев рече дека од мај годинава огромен е бројот на граѓани кои ја напуштаат земјава, особено од секторите полиција, здравство и образование.

Оценка на КСОМ е дека годишно од земјава заминуваат пет отсто од вработените во образованието.

Апелираме и до останатите синдикати на национално ниво, да седнеме и заеднички да донесеме став. Доколку ни се приклучат, ќе бидеме уште посилни како работници. Доколку не сакаат да се приклучат на нашата иницијатива, ние веќе донесовме одлука. Ќе правиме штрајкови и протести, а за датумот дополнително ќе известиме, истакна на денешната прес-конфернција претседателот на КСОМ Марјан Ристески.

Според КСОМ, граѓаните се осиромашени и не можат да опстанат зашто се е поскапено, а платите се на исто ниво, додека Владата прави непродуктивни трошоци.

Пред неколку дена и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски најави радикализирање на штрајкот од септември, доколку Владата не ги исполни нивните барања, а тоа е со покачување на минималната плата за 18,4 проценти, да се усогласат сите останати плати.

-Ги повикуваме сите работници на улица, за да може најпрвин да егзистираме, да опстанеме, бидејќи како што вели Владата, од септември не знаеме што ќе се случи поради најавената нова енергетска криза, се најавуваат штедења, уште поголема инфлација, додаде претседателот на ССМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.