Поминаа повеќе од месец дена од предлозите на Христијан Мицкоски и десетина дена од предлозите на пратеничката група со мерки за полесно справување со економската и енергетската криза на домаќинствата и стопанството. Владата, а и колегите од мнозинството предводено од ДУИ и СДСМ молчат како да не постојат иако еден дел ги прифатија. Ова го истакна на прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски рече дека Владата го прифатила предлогот на Христијан Мицкоски снабдувањето на училиштата, здравствените установи и јавните водостопански претпријатија да плаќаат фиксна цена на електрична енергија неколкукратно пониска од пазарната цена. Владата прифатила да му помогне на дел од стопанството и со тоа прехранбената индустрија ќе добие фиксна цена на електрична енергија која е пониска од цената на слободниот пазар.

Пред 10-тина денови Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија презентираше нов пакет на предлог мерки во интерес на граѓаните, а колегите сè уште немаат став по истите. Побаравме секој викенд до крајот на кризната состојба да е викенд без ДДВ за прехранбените производи. Побаравме да се врати мерката субвенциониран студентски оброк, но со износ од 160 денари дневно. Побаравме да се намалат акцизите на дизелот и бензинот. Побаравме да се одложи прогресивното оданочување за дополнителна една година. Побаравме да се даде финансиска поддршка на сите граѓаните на кои им е потребна, а не само на неколку илјади. За денес е закажана комисијата за финансирање и буџет на која единствена точка на дневен ред е Законот за финансиска поддршка на граѓаните. Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија поднесе 6 амандмани со кои бараме да се прошири опфатот на финансиската поддршка и за заборавените категории на граѓани, изјави Стојановски.

ВМРО-ДПМНЕ со амандманите предлага финансиска поддршка од 3.000 денари да има за сите самохрани родители, а не само за оние чии деца се на возраст до 7 години и се приматели на гарантирана минимална помош.

Бараме по 3.000 денари месечна финансиска поддршка за сите средношколци, деца без родители и родителска грижа, по 3.000 денари и за невработените лица кои се активни баратели на работа, како и за корисниците на гарантирана минимална помош. Дополнително сметаме дека поддршката за пензионерите е недоволна и не ги опфаќа сите и токму затоа бараме сите пензионери со примања до 18.000 денари да добијат месечна финансиска поддршка од 3.000 денари, тие што имаат до 30.000 денари да добијат 2.000 денари месечно, а останатите по 1.000 денари месечно.

За крај во услови на инфлација од 20%, а потрошувачка кошничка над 50 илјади денари која на месечно ниво се зголемува за најмалку 1.000 денари, Предлог-буџет за 2023 година од 5,3 милијарди евра, помош од 750 денари за лицата корисници на правото на надомест за телесна оштетеност е навреда. Најмалку што може да сторат колегите од мнозинството е заеднички да ја дуплираме помошта на 1.500 денари месечно за периодот до 30 април 2023 година.

Ова се амандманите на пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија за денешната комисија. Пратениците од мнозинството да се изјаснат дали ќе бидат слепи послушници на власта или ќе работат во корист на граѓаните и Владата ќе мора да им даде финансиска поддршка на средношколците, децата без родители и родителска грижа, сите самохрани родители, сите пензионери, невработените лица кои се активни баратели на работа и корисниците на гарантирана минимална помош, додаде Стојаноски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.